Утре е голем празник, летен Свети Наум – Чудотворец, исцелител и просветител

Facebook
Twitter
Email
Print


Преподобниот Наум Охридски – Чудотворец има два празници, едниот е во зимскиот период и се празнува на 5 јануари/23 декември, а другиот во летниот период на 3 јули/20 јуни.

Именден празнуваат: Наум, Наумче, Науме, Наумка…

Свети Наум е најблискиот соработник на свети Климент, првиот словенски епископ. Во делото на просветувањето на Словените со евангелската вистина тој учествуваше како учител, а потоа и како свештеник.

Десетина години пред заминувањето од овој свет Св. Наум го основа манастирот посветен на светите Архангели на Охридското езеро.

Овој манастир е денешниот Св. Наум. Свети Наум се претстави пред Бога околу 910 година, на 23 декември (по јулијанскиот календар).

Со оглед на тоа што тој ден паѓа во пост, за поторжествено празнување на неговиот спомен, уште од старо време Охридската Архиепископија го установи неговиот празник за време на летото на 3 јули.

Манастирот е подигнат од св. Наум Охридски чудотворец и го носи неговото име. Попознат е како манастир „Свети Наум Охридски“ иако црквата е посветена на светите архангели Михаил и Гаврил. Во житието на св. Наум се вели дека црквата била подигната на јужниот брег на Охридското Езеро и дека била посветена на светите архангели Михаил и Гаврил. Манастирот повеќепати страдал од пожари и уривање, по што пак бил обновуван. Едно време бил важен просветен центар. Во него во почетокот на 19 век се школувал и Димитрија Миладинов.

Во црквата се наоѓа и вечното почивалиште на св. Наум Охридски и многу луѓе од разни вери и националности го посетуваат и бараат исцеление. Околу манастирот има повеќе свети води, Света Петка, Свети Атанасиј, Агијазмо и др.

Во Летописот на манастирот Свети Наум се вели дека водата од изворот „Свети Атанасија“, служела за лекување на болни.

„Со миење на водата од овој извор се лекувале луѓето што страдале од очни болести. Летописецот забележува дека многумина нашле спас од овој извор“.

За исцелителните својства на манастирот, секако, придонесле и повеќето извори со свети води околу манастирот, што, исто така, се под влијание на светителот. Покрај споменатиот извор „Свети Атанасиј“ такви се уште и изворот од карпата непосредно до брегот на езерото, потоа изворот Најазмо, од другата страна на границата со Албанија, изворот посветен на Света Петка, итн.

Марко Цепенков, во своите записи за еснафските празници направил и список на празниците што ги служеле разните еснафи во Прилеп. Притоа вели дека чоаџо-абаџискиот еснаф го празнувал 20 јуни, Свети Наум Охридски. Тој и на друго место истакнува дека „Чоаџискиот еснаф го служеше св. Наум од Охрид…“ Во старо време, еден месец пред празникот Свети Наум, праќале од манастирот Свети Наум риби летници подарок на чоаџискиот еснаф и на секој мајстор му се подарувале по една како за покана, за да отидат на поклонение на манастирот. Бидејќи во тоа време еснафот бил во расцвет, на поклонение оделе фамилијарно мајсторите со калфите. Ако пак се случело да не одат, му испраќале парична помош на манастирот. „Јас само 2-3 години го достигнав тоа и после лека-полека паричната помош се прекина, пак и манастирот престана да праќа риби подарок за нашиот еснаф.“

Цепенков, уште во поглавјето за светците, истакнувајќи ги нивните функции вели: „Светците се наредиле на служба: и покрај другите свети Наума го споменува заедно со свети Андонија и свети Спиродона. Свети Наум, свети Андонија и свети Спиродон ‒ да лекуат улаите“.Значи во народното верување овие тројца светители се лекари што лекуваат душевни болести. Инаку, познато е дека меѓу христијанските светители има поголем број лекари, свети врачи, бесребреници (што значи лекувале бесплатно, коишто, лекувале со силата Божја. Такви се светите врачи Кузман и Дамјан, свети Пантелејмон, лекувал и свети Трифун и др. Не случајно со некои од овие свети врачи свети Наум е насликан на фреска во црквата „Света Софија“ во Охрид.

Како што споменавме според Цепенков, односно според народното паметење, свети Наум бил „да лекуат улаите“. Оттука и охридската пословица „Кој за ум, која за Свети Наум“, или пословицата запишана во Прилеп: „Ја ум, ја на сфети Наум“.Лекувањето душевно болни од страна на свети Наум е честа тема и во народните преданија и легенди поврзани со неговото име. Вакви сцени се гледаат и на фреските од црквата во неговиот манастир, а на оваа тема се пее и во една популарна охридска песна.

Ќе те носит, Русе, сети Ноум

Таму Џоџе, Русе, ќе те венчат

и на гробот, Русе, ќе ми легнит,

белки умот, Русе, ќе му дојдит…

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи