Левица: ОЈО Прилеп да покрене истрага до допрен глас за тргувањето со акции од ЈКП Комуналец


Левица Прилеп со барање до основното јавно обвинителство за истрага за тргувањето со акции од страна на ЈКП Комуналец. Се работи за продажба на 830 обични акции од ЈКП Комуналец кое претпријатието ги поседувало во Текстил „Елма“ ДОО Прилеп.

Во продолжение, ви го пренесуваме целосното барање:

„Во Службениот Гласник на Општина Прилеп во бр.18 од 13.12.2019 година наидовме на сомнителна одлука од Советот на општина Прилеп.

Станува збор за продажба на 830 обични акции од страна на ЈКП Комуналец кои споменатото јавно претпријатие ги поседувало во Текстил „Елма” ДОО Прилеп. Во Централниот регистар наведената фирма е заведена како АД, а не како ДОО.

Притоа, треба да се земе предвид фактот дека оваа микро текстилна фирма со само двајца вработени е загубар и е регистрирана на адреса на земјоделски површини со објект без никаков капацитет за производство и услуги.

Во 2018 година оваа фантом фирма – една година пред продажбата на акциите, пријавила приход од 3.244,995 денари, а остварила загуба од 528.781,00 денари.

Во врска со споменатата одлука во Службениот Гласник на Општина Прилеп, нејасни се повеќе работи, па затоа прашуваме:

— Зошто и како ЈКП Комуналец тргувал со акции кога во Статутот на јавното претпријатие не е предвидено тргување со акции?!

— Кога, со каква цел и на каков начин ЈКП Комуналец станува сопственик на овие акции?

— Дали средствата на корисниците на услугите на јавното претпријатие треба да одат за формирање фирми или за затворање финансиски дупки во фирми кои им се блиски на челници на владеачката партија?

— Дали, надвор од здрав ум и логика, а со цел да му се овозможи противправно стекнување материјална корист на Текстил “Елма” ДОО Прилеп, раководните лица на ЈКП Комуналец презеле безвредни акции на име на ненаплатен долг, со што ја злоупотребиле службената должност и овластувања?

Во случајов Советот на Општина Прилеп се појавува како соучесник, така што место да реагира, се обидел да го амортизира недомаќинското и сомнително работење на јавното претпријатие чиј основач е токму општината и сето тоа на општа штета на граѓаните.

— И конечно, зошто градоначалникот кој има обврска да реагира и да стопира незаконски одлуки, премолчил?

Уште еднаш го повикуваме ОЈО да го истражи случајот, а во исто време потенцираме дека клучен виновник за нефункционалноста на било кој механизам што треба да ги заштити граѓаните и нивните средства од злоупотреби е потполно парализиран токму поради начинот на кој се практикува власта – дрско, нахално, кабадаиски.

На граѓаните и нивниот избор останува дали и на овие избори ќе гласаат за корупција, кронизам и криминал“, стои во барањето од Левица.


Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи