Ризик фактор за извршувањето на буџетот на Општина Прилеп за 2022 година ќе претставуваат и судските спорови, посебно судскиот спор кој е поведен од изведувачот на реконструкцијата на мостот на градската река на улица „Трајко Николоски“. Истакна на денешната прес конференција Ирена Стерјовска Локвенец, претседател на Комисија за финансирање и буџет.
„Во минатото време кога како ВМРО ДПМНЕ бевме опозиција, реагиравме по информациите со коишто тогаш располагавме дека има сомнителни и спорни постапки за овој предмет и проект. Преку увидот во документацијата може да се констатира дека и покрај поминатиот временски период за реконструкција, првиот договор кој е склучен на 10.5.2019 година со времетраење од 365 дена, сепак на 18.12.2020 година, или 7 месеци по пробиениот рок, склучен е анекс договор со што вредноста на првичниот договор е зголемен за 4 150 206 денари. Она што е исто така интересно е тоа што овој мост беше пуштен во употреба во декември 2020 година во присуство на министерот за транспорт и врски, господин Бочварски, а на 30.3.2021 повторно е склучен нов анекс договор кој го поништува анекс договорот од 9.4.2020 година со број 03-50/12. Вредноста на мостот кај сточен пазар достигна приближно 600 илјади евра“, додаде Стерјовска Локвенец.