Денеска се празнува Св. Климент Охридски


Во Македонија денеска со низа настани се одбележува 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски. Пред споменикот на Св. Климент Охридски во Скопје, повеќе делегации ќе положат цвеќе, а во Собранието ќе биде врачена државната награда „Св. Климент Охридски“.

Климент Oхридски е основач на познатата Охридска книжевна школа која е наречена уште и прв словенски универзитет, каде што се образувале над 3500 ученици. Паралелно со црковната и со педагошката дејност се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишува авторството на опширните житија на св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа.

Денеска Свети Климент Охридски се почитува како заштитник на Македонија, градот Охрид и Македонската православна црква. Во чест на светецот во Македонија многу училишта, улици и државни институции го носат неговото име. Најголемата црква во Скопје (Соборниот храм) го носи името на Свети Климент, универзитетот во Битола, Софискиот Универзитет и Националната и универзитетска библиотека на Македонија го носат неговото име.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира