ВИДЕО – Американска воена компанија сака да го купи Еурокомпозит – Вработените велат Владата го кочи процесот


Американска компанија од воената индустрија сака да го купи прилепски Еурокомпозит. Но и покрај неколкуте месеци преговарање со Владата се уште нема никаков резултат. Преостанатите 28 вработени, кои веќе 2 години немаат земено плата ниту пак им се плаќа здравствено осигурување, побараа од Владата да ги забрза преговорите и да не го испушти инвеститорот, кој според најавите само во првите 6 месеци, доколку ја среди потребната инфраструктура ветувал од 300 до 400 нови вработувања. Прашуваат зошто се одолговлекува целата работа?

„Конечно е пронајден инвестирот кој што дојде во фирмава, неколку пати ја прошета и е премногу заинтересиран. Ама од наши сознанија сакаме да ја прашаме Владата зошто не сака да преговара со тој инвестирот. Се сомневаме дека некој од Македонија сака комплетно да ја обезвредни фирмава и да ја земи за многу ефтини пари“, вели Роберт Богданоски, вработен во Еурокомпозит.

И директорот Милан Тоцев ни потврди дека инвестирот бил навистина сериозно заинтересиран, но и тој не знае зошто споро се одвива целата процедура.

„Спрема мене се работи за сериозен странски инвеститор, до каде се разговорите и преговорите јас не сум во тек, бидејќи не сум инволвиран во истите. Можеби станува збор за некои процедури, јас незнам, но целата постапка се одвива многу споро“, истакна Милан Тоцев, директор на Еурокомпозит.

28 вработени побараа и помош од Владата затоа што велат дека можеби се единствените граѓани во Македонија кои среде најголемата светска пандемија живеат 2 години без плата, без никаква помош од државата и без здравствено осигурување.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи