Крушево заедно со Општина Елбасан од Албанија заеднички ќе го реализира проектот „Крушево и Елбасан – признаена туристичка прекугранична дестинација“ кој што е вреден 744.000 евра, од кои Крушево за своите активности ќе добие 230.000 евра. За брзо се очекува изработка на заедничка стратегија за развој на туризмот за Крушево и Елбасан каде ќе се дефинираат конкретни туристички пакети.
„Во рамките на инфраструктурната компонента на проектот од страната на Крушево ќе се изгради паркинг во рамки на параглајдинг центарот во Крушево, патека за „даунхил“ – планински велосипедизам, ќе се постават околу 200 ЛЕД светилки низ градот кои ќе значат безбеден пристап на туристите до сите културно-историски знаменитости во градот е ќе се постават 2 станици за мерење на квалитетот на воздух, една во Крушево, една во рамки на параглајдинг центарот“, истакна Татјана Хасану, координатор на проектот.
Инаку ова зимска сезона помина одлично за Крушево, во градот се уште има снег, а се бараше кревет повеќе. Голем број настани се очекуваат и ова лето за привлекување на туристи, особено параглајдеристите.
„Ако до пред 2 години се случуваа 7 меѓународни натрпревари во параглајдерство, оваа година очекуваме 3 до 4. Затоа што знаете оваа година со кризата нема да го имаме украинското и руското, но тука е „Ozon open“ или англиското првенство, нордиското првенство, подготовките за светското првенство во змајарство. Што значи Крушево ќе живее во духот на параглајдерството и змајарството ова лето. Потоа е пливачкиот маратон кој 3 година по ред се одржува на вештачкото езеро, ќе имаме повеќе настани за трчање, планинарење, манифестацијата „When in Krusevo“, манифестацијата „10 дена Крушевска Република“, рече Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Проектот со Елбасан ќе трае 30 месеци, а прво што ќе се реализира е паркингот за параглајдери кој се очекува да започне да се гради за 2 месеци.