Сиромашни пензионери, ама богати здруженија. Половина од пензионерите во земјата земаат пензии под 14.000 денари. Според последната статистика во Македонија има 326 646 пензионери, или тоа би значело дека над 160 000 пензионери имаат пензија со која едвај излегуваат на крај.
И покрај ниските примања околу 308.000 од нив се потпишале дека сакаат да им се задржуваат средства од пензијата за Солидарен фонд, пари кои кога ќе почине корисникот на пензија му се исплаќа на неговото семејство како еднократна помош која порано беше во висина од 30.000 денари, а сега намалена на 25.000 денари.
Анализата на ,,Пари”, покажува дека, доколку пензионерот сака да го користи Солидарниот фонд, тој е принуден задолжително да одвојува и 30 денари за членарина во пензионерско здружение. Всушност без плаќање членарина, пензионерот нема да може да уплаќа ниту во Солидарниот фонд, двете се облигаторни, а ваквата одлука ја има донесено Сојуз на здруженија на пензионери.
Овие 30 денари кои навидум изгледаат минорна сума кога ќе се соберат од сите 308.000 пензионери не се ниту малку за потценување. Секој месец по овој основ на Сојузот на сметка му легнуваат повеќе од 150.000 евра или годишно на сметката на Сојузот на здруженија на пензионери од членарина се слеваат дури 1,8 милиони евра.
Противниците на одлуката на пензионерите задолжително да им се наплаќа членарина, сметаат дека овие пари ги користат само активните членови во здруженијата, но дури 80-90 проценти од пензионерите немаат никаков бенефит од тоа што им се одземаат овие пари.
Од пензионерите со кои разговаравме речиси сите се информирани за Солидарниот фонд, но никој не знаеше дека плаќа 30 денари членарина, а уште помалку и дека искористил некој бенефит од плаќање на овој надомест.
Уште еден удар по буџетот на пензионерите дојде во февруари месец. Сојузот на здруженија на пензионери од февруари го зголеми надоместокот за Солидарниот фонд. Наместо вкупно 150 денари (30 за членирана и 120 за Солидарниот фонд) сега од пензиите се одвојуваат 180 денари (30 членарина и 150 за Солидарен фонд). Надоместокот уште минатата година беше прво зголемен на 130, па на 140 денари и од февруари на 150 денари. Истовремено и пет месеци од февруари до јуни наместо 30.000 денари на членовите на семејството за починат корисник ќе се исплаќаат 5.000 денари помалку, односно 25.000 денари. Од Сојузот сепак велат дека намалената исплата од Солидарниот фонд и зголемувањето на надоместокот е времена мерка и 5.000 денари на семејствата ќе им се исплаќаат со јулската пензија.
НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ИМ СЕ НАПЛАЌА 1,8 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО ЗА ЧЛЕНАРИНА ВО ЗДРУЖЕНИЈА
ЕСЕЦ | БРОЈ НА КОРИСНИЦИ НА ПЕНЗИЈА ОД КОИ СЕ ПРАВИ ЗАДРШКА | ЧЛЕНАРИНА | УПЛАТЕНИ СРЕДСТВА ДО СОЈУЗОТ НА ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИ |
Јануари | 306,140 | 30 | 9.280.860.00 |
Февруари | 306,414 | 30 | 9.318.060.00 |
Март | 307,431 | 30 | 9.351.090.00 |
Април | 306,972 | 30 | 9.303.570.00 |
Мај | 306,600 | 30 | 9.293.400.00 |
Јуни | 307,131 | 30 | 9.343.110.00 |
Јули | 307,470 | 30 | 9.327.150.00 |
Август | 308,210 | 30 | 9.400.230.00 |
Септември | 308,279 | 30 | 9.342.540.00 |
Октомври | 308,385 | 30 | 9.355.020.00 |
Ноември | 308,385 | 30 | 9.355.020.00 |
Декември | 308,823 | 30 | 9.377.730.00 |
Декември | 308,907 | 30 | 9,360,390.00 |
Вкупно | 112,053,150.00 |
Според податоците содржани во статистиката за периодот јануари-декември вкупниот број на корисници на пензија на кои им се прави задршка на пензијата изнесува околу 308 000. Уплатените средства до Сојузот на здруженијата на пензионери за истиот овој период се во вредност од 112.053.150 денари или 1,8 милиони евра. Висината на членарината во Сојузот е 30 денари.
ОД СОЛИДАРНИОТ ФОНД ЗА 2021-ВА ИСПЛАТЕНИ 8,2 МИЛИОНИ ЕВРА
MЕСЕЦ | ИСПЛАТЕНИ СРЕДСТВА ОД СОЛИДАРЕН ФОНД (ДЕНАРИ) | БРОЈ НА ИСПЛАТЕНИ БАРАЊА ЗА ПОЧИНАТИ КОРИСНИЦИ |
Јануари | 36,930,000.00 | 1231 |
Февруари | 40,680,000.00 | 1356 |
Март | 39,990,000.00 | 1333 |
Април | 40,980,000.00 | 1366 |
Мај | 39,810,000.00 | 1327 |
Јуни | 44,340,000.00 | 1478 |
Јули | 43,200,000.00 | 1440 |
Август | 43,890,000.00 | 1463 |
Септември | 43,710,000.00 | 1458 |
Октомври | 43,650,000.00 | 1455 |
Ноември | 43,800,000.00 | 1460 |
Декември | 43,380,000.00 | 1443 |
Вкупно | 504,360,000 | 16,810 |
Што се однесува, пак, до Солидарниот фонд за периодот јануари-декември 2021 година вкупно се исплатени 504.360.000 денари, односно 8,2 милиони евра. Само во декември бројот на починати пензионери за кои се исплатени средства изнесува 1 443, додека за 12 месеци од Солидарниот фонд се исплатени средства за 16 810 починати пензионери.
Илија Николовски -Партија на пензионери
,,Околу 90 проценти од пензионерите немаат никаква корист од плаќање на членарина на Сојузот на пезионерски здруженија. Проблемот е што ако пензионерот сака да му се прави задршка за Солидарен фонд задолжително мора да плаќа и членарина од 30 денари. Правевме обиди да не биде задолжителна членарините како што е сегде во сите поранешни југословенски држави, но засега безуспешно. Од февруари освен што се намали висината на исплата на надоместокот за починат пензионер од 30.000 на 25.000 се покачи и висината на надоместокот, наместо 150 сега на пензионерите им се задржуваат вкупно со членарината 180 денари. Имаме информација дека дури 12.000 пензионери веќе се имаат откажано и од Солидарниот фонд и од членството токму поради овие причини.
Еден од начините како овие здруженија може да функционираат е да се финансираат со изработка на проекти наместо да им задржуваат членарина на пензионери кои не стапнале во нивниве здруженија, ниту имале некој бенефит”, вели Николовски.
Финансиски извештај на СЗПМ за 2022
Според последниот извештај кој што е објавен на страната на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ) во Македонија има 53 пензионерски здруженија кои се членки на Сојузот.Од вкупната чланарина која се издвојува од пензионерите зачленети во здруженија во износ од 30,00 денари, 2,50 денари се приход на Сојузот, а 27,50 денари се приходи на здруженијата членки на Сојузот. Парите на здруженијата им се исплаќаат за разни цели, за објектите, за културни, спортски настани, хуманитарна помош и друго.
Само Сојузот без здруженијата, очекува приходите од членарина за 2022 година да се во износ од 8.725.000 денари , што преставува 92,3 % од вкупните приходи, додека од сите останати приходи се планираат средства во износ од 702.000 денари или 7,5%. Вкупните расходи се планирани согласно потребите на Сојузот за реализација на предвидените цели и задачи со Програмата за работа во износ од 9.402.000 денари.
*расходите за функционални трошоци се планирани во износ од 5.020.000 денари или 53,1% од вкупните расходи,
*расходите за интелектуални услуги се планирани во износ од 1.412.000 денари или 14,94%,
*други расходи се планирани во износ од 2.970.000 денари или 31,95%
Станка Трајкова – Претседател на Сојуз на здруженија на пензионерите на Македонија
,,За сите прашања и одлуки поврзани со Солидарниот фонд и членарината одлука носи Одбор на регистрирани организации кој го претставуваат пезнионери од четири сојузи во Републикава.
Во услови на пандемија кај средствата за исплата се појави недостиг на средства и заради тоа Одборот согледувајќи ја фактичката состојба обемот на средства и починати пензионери кои умираа и двојно во однос на претходните години се одлучи да не чекаат бидејќи има недостиг на средства се пролонгираше рокот за исплата на средствата. Од февруари се исплаќаат по 25.000 денари на семејствата. Оваа одлука е од времен каркатер и со јулската пензија редоследно ќе им бидат исплатени и преостанатите 5.000 денари.
Од друга страна членарината е единствениот приход на здруженијата ние не земаме никакви пари од буџет. Не сметам дека пензионерите се неинформирани бидејќи потпишуваат барање од кое кога сакаат може да се откажат, но тоа ќе значи дека ќе немаат право ниту на Солидарниот фонд.
Сојузот на здруженија на пензионери вклучува 53 пензионерски здруженија кои добиваат средства според бројот на членови. Парите се користат за одржување на тие клубови , на пензионерите им се помага со огревно дрво, хуманитарна помош, ортопедски помагала.
Средствата кои ги добиваат здруженијата беа редуцирани од 45.000 денари по 10 000 или 25.000 денари и тие средства најмалку може да се злопупотребат, тврди претседателката на Сојузот, Станка Трајкова.
Целата анализа е достапна на линкот: https://pari.com.mk/siromasni-penzioneri-bogati-zdruzenija-150000-evra-na-raspolaganje-sekoj-mesec/