ВИДЕО – Од бравар станал столар на уникатни ракотворби, а собира и стари предмети и добра ракија


Слободан Ѓуроски од Македонски Брод веќе 20-тина години се занимава со изработка на разни дрвени сувенири и украси за различни намени и потреби. Иако по професија е бравар, открил дека повеќе му лежи обработката на дрво и тоа сосема случајно. Тој е самоук, дури и машината за обработка на дрвото си ја направил сам.

Бев кога беше конфликтот во касарната во Кичево, излегов надвор, блиску е пазарот и видов еден човек во средни години како продава тањири, лажици, сите овие работи што ги работам јас сега. Го прашав, ти ги изработуваш, вика јас. Што си по занимање? Келнер. Може да ја видам таа твоја машина за да ја направам, видов дека не е некоја комплицирана машина, а тоа ми е и занает браваријата. Одма го составив и почнав со него“, вели Слободан Ѓуроски, столар.

Нема што нема направено од држачи за чаши и шишиња, декоративни масички, разни даски, дрвени садови, чаши, стаклени шишиња сместени во дрво и друго. Секое дрво треба да е суво и посебно приготвено пред да се започне со негова обработка.

Најчесто ги бараат овие тањирите и садовите за во кујна, тарунчиња, лажици.

Колку е тешко да се изработат тие и колку време одзема?

Па зависи од предметот, тањирот е потежок за работа, треба да се обработи на четворка за да не пука, треба да биде суво и квалитетно дрвото, не се прави од секое дрвце свирче.

Од каков вид на дрва ги изработуваш твоите изработки?

Најчесто од орев, јавор, јасен, багрем.

Сега за нас тука додека снимавме изработивте една чаша. Рековте дека тоа е дрво зеленика?

Да, дрвото зеленика го има кај нас покрај Треска, од езерото до Девич селото, од неа има правено и лулиња, му правев на Ферид Мухиќ, имам повеќе украси од тоа дрво, се што е појако се прави од зелениката“, изјави Ѓуроски.

Ѓуровски исто така е љубител за собирање на стари предмети. Ги има стотици. Дури нема место каде да ги чува. Вели доколку во Македонски Брод се отвори музеј, сите ќе ги донира таму. Еве дел од некои поинтересни.

Оваа труба е најдена во Бистрица, битолско. Правевме едно школо и во една затворена просторија ја најдовме трубава.

Трубата е од балканските војни?

Да да, од балканските војни. Ова е од Асан Бег ножот кој служел за отворање писма, а ова е од крушевско, Пуста Река, рекоа дека било во функција во Илинденското востание за полнење муниција. Ова е пиштол кој го носеле банкарите, треба да му се направи дршка, 12 милиметри калибар е и служел за лична одбрана на банкарите. Стар е некаде преку 200 до 250 години“, додаде Ѓуроски.

Освен колекционер на стари работи, тој има уште едно интгересно хоби, собира стара ракија.

Секоја ракија која ми е дадена е запишана кога ми е дадена, од кого, од што е и колку степени е. Имам ракија од Борис Трајковски.

Претседателот?

Од претседателот. Имам ракија од Ферид Мухиќ, од Владо Поповски со 3 дестилата ракија. Сите ги чувам. Имам и наши од Порече кај што сум работел и сите ги чувам, имам преку 40-50 години стари ракии.

Вака ги пробувате со пријатели?

Не не. Само една, на еден му беше мерак, малку се напи, другите ниту една нема ни буцнато.

Значи не планирате да ги отворите?

Дури сум жив јас не, после кога ќе умрам нека раздадат за душа“, изјави Ѓуроски.

На Ѓуроски му посакавме уште многу години да ги изработува дрвените сувенири, со надеж дека Македонски Брод еден ден ќе добие музеј па и неговите стари предмети ќе гo видат светлото на денот и ќе бидат достапни за јавноста.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи