Македонија на Европскиот куп за јуниори и јуниорки кој од утре па се до недела ќе се одржува во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје ќе се натпреварува со 15 џудисти од кои 9 се кадети и 6 јуниори. Натпреварување од ваков калибар за прв пат се организира кај нас и слободно може да се каже дека македонското џудо испишува историја. Конкуренцијата е голема, а во Скопје се дојдени 230 џудисти и џудистки од 29 држави кои се борат за светската ранг листа.
„Нашиот тим брои 15 членови на репрезентацијата, од кои морам да спомнам дека половина репрезентација се од кадетската селекција. Согласно пропозициите за овој европски куп имаат право на настап и од возрасната категорија кадети, затоа ние одлучивме во нашата федерација да им дадеме шанса со цел да стекнат поголемо искуство како домаќини на ова врвно натпреварување, а зошто не и медал. Конкуренцијата е доста силна, Европски куп значи големо натпреварување, најдобрите репрезентативци од овие држави гости се тука, така да ќе биде исклучително тешко, но ние сме оптимисти и се надеваме на успех“, изјави Дејан Мицкоски, тренер на македонската репрезентација.
Македонските репрезентативците се дојдени во Скопје веќе неколку дена и активно се подготвуваат за овој куп. Претходно вежбите и тренинзите траеле околу 2 месеци. Велат дека конкуренцијата е голема, но дека сепак очекуваат освојување на медал.
„Очекувам конкуренцијата да е прилично јака поради тоа што сепак е на европско ниво и е јуниорски куп, така да има и постари, но сепак мислам дека со доста подготовки, спремање и тренирање може да се постигне резултат на било каков натпревар, така да голем предизвик, но сите имаме големи очекувања за овој куп бидејќи е кај нас во Скопје, но и секако голема прилика за нас да почувствуваме како е на ваков голем европски натпревар и да учествуваме“, вели Ѓорѓина Блажеска, репрезентативка.
„Задоволство ми е да учествувам на овој Европски куп, каде конкуренцијата е доста голема. Тренинзите се одвиваат многу напорно, овие 2 дена исто така ќе имам доста споделени искуства и на тренинг кампот кој ќе се одржи тука. Чест ми е и горд сум што ќе ја преставувам Македонија на овој Европски куп и се надевам дека ќе се закитиме со некој медал“, рече Андреј Симоноски, репрезентативец.
Влезот во салата „Јане Сандански“ е бесплатен, натпреварите започнуваат утре околу 11 часот, а официлјалното отворање ќе биде попладнето во 17 часот.