Се одржа првиот ден од „Пиво фест 2023“ или сега Prilep Beer Weekend. Тропико бенд, Тијана М, Ламбе Алабакоски, Миле Кузманоски, беа музичарите кои ја забавуваа публиката која и покрај се дојде во Прилеп, да ужива во вкусната скара, ладното пиво, а пред се да се дружи и забавува. Велат дека терминот на одржување иако не е во јули воопшто не им бил важен доколку имаш со кого да се дружиш и убаво да си поминеш.
„Прв пат доаѓам од Куманово, треба да се одржува и ми се допаѓа. Мене не ми е важно толку дали е во ист термин, битно е да се одржува“, вели една посетителка.
„Би требало да се одржува една ваква манифестација, убаво е за градот и сѐ“, додаде друг посетител.
„Да ја продолжиме традицијата, колку сме толку сме, на број сме, нека е аирлија. Да се дружиме, да се забавуваме, да дојдат гости од други места. Важно е дружењето., кажа трет посетител.
„Супер манифестација, треба да дојдат повеќе гости деновиве, одлично е“, вели друг посетител.
Угостителите задоволни од посетеноста на штандовите, повеќе гости очекуваат денеска и утре.
„Добро е, одлично е. Скарата е пресна, се е денешно. 20 години убаво што продолжува вака. Ќе беше штета ако не продолжеше. Имаше гости скоро преку целиот ден, повеќе очекуваме викендов“, додаде еден угостител.
Организаторите и Општината очекуваат се да помине во најдобар ред и посетителите како и секоја година да си заминат со прекрасни впечатоци.
„Очекуваме се да помине во најдобар ред, публиката да биде задоволна, да има многу посетители. Да се задржиме на тоа што планиравме, се надевам дека сите ќе оствариме позитивни импресии од фестивалот“, истакна Дарко Крстески, организатор Event Group.
„Едноставно настан со огромна традиција, посебен дух, настан на пивото и скарата, онаа неодолива комбинација, верувам дека убаво ќе си поминеме овие 3 вечери, како и ние така и публиката“, вели Ева Јовановска, водителка на настанот.
„Поместениот датум не значи дека интересот и желбата да имаме една ваква манифестација не треба да се одржи. Од огромно значење е за локалната економија. Посетеноста од гости, заинтересираноста е голема, очекуваме овие 3 дена секој нареден ден да биде побогат“, изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
„Во Македонија сум настапувала навистина во повеќе градови, многу често настапувам во Македонија, како што кажав пресреќна сум кога настапувам тука затоа што можеби публиката тука е највесела“, рече Тијана ЕМ, музичар.
Повеќе гости се очекува да дојдат денеска и утре. Инаку за разлика од другите години вчера и денес на официјалните паркинзи се наплаќа како и секој ден, а додека во недела паркингот во целиот град ќе биде бесплатен.