Додека не добиеме по 3.500 денари линеарно покачување на пензијата на секој пензионер нема да отстапиме од протестите. Со овој став денеска прилепските пензионери повторно одржаа протести, овој пат блокирајќи ја клучката над Паркот на Револуцијата, односно влезот во Прилеп. Велат дека се револтирани на Министерството за труд затоа што во работната група која треба да ги разгледува нивните барања немало ниту еден нивни претставник.
„Ние многу молевме од иницијативните одбори во Македонија да има членови застапници, кои ќе ги разгледуваат нашите барања, но за жал ниту еден член од Република Македонија нема во таа Комисија што работи за барањата на пензионерите. Затоа не сме задоволни и затоа нема да прифатиме ништо од она што го нуди.“, истакна Верче Јанческа, пензионер.
Истакнаа дека ќе побараат да се донесе закон за да не може во иднина да има процентуално зголемување на пензиите и тие да се корегираат на секои 4 месеци согласно трошоците за живот.
„Премиерот не‘ отече со Уставот што сака да го сменува, нас не не‘ гледа овде ние како страдаме, тој умре за Бугарите. Коските ни ги изедоа, не изглодаа скрос, дали не е срамота ова“, вели Билјана Шекероска, пензионер.
„Ние не сме исфрлени македонски пензионери, ние ќе си бараме оти џебот ни‘ е празен, а тие нека мислат, бараме да ни дадат пари за живот, не за друго“, рече Марија Ристеска, пензионер.
На денешниот протест ги повикаа тројвата прилепски пратеници. Но тука се појави само пратеникот Петар Ристески, додека пратениците Ана Лашкоска и Миле Талевски не присуствувале поради работни обврски. Ристески повика на итно решавање на овој проблем.
Луѓето се излезени овде од мака, нема овде ни политика, нема ништо друго, овде се луѓето излезени од мака бидејќи јасно е во оваа држава дека со 10 – 11 илјади денари не се живее. Наместо да се обвинуваат пензионерите дека биле партиски мотивирани да организираат протести, најбрзо апелирам власта да седни заедно со опозицијата и во рамките на институциите на системот да изнајдиме заедничко решение.
Прилепските пензионери најавија дека и понатаму ќе продолжат со протестите се до исполнување на барањата.