Прво ние како држава имаме одлични односи со Албанија, второ исто така како држава даваме на нашето македонско население помош на многу начини во Албанија. Јас пред еден месец заедно со моите колеги на нашите Македонци дониравме опрема за расчистување на патишта, се работи за механизација која таму ја однесовме. Министерот Бујар Османи, кој исто така беше дел од еден поголем проект за донирање на училишен прибор за нашите Македонци кои живеат во Албанија. Ние со тоа ќе продолжиме, истакна премиерот Ковачевски, денеска во Прилеп, одговарајќи на прашање што презема Македонија за заштита на нашето малцинство таму, откако бугарската потпретседателка Јотова денеска ги посети деловите на Албанија каде живеат Македонци, а во пресрет на пописот кој треба да се одржи таму.
„Исто така имаме гаранција од страна на албанската влада која е исто така членка на НАТО, дека пописот во Албанија ќе биде спроведен исто како и кај нас, согласно со сите светски стандарди и стандарди на Еуростат, како кај нас што беше спроведен пописот и кој е направен со консултант од ЕУ. Како држава ние ќе продолжиме да ги помагаме нашите Македонци во Албанија. Ние како Влада ги помагаме и никогаш од тие Македонци не сме барале да нешто направат за било кој политички естаблишмент во државата, како што на времето ако се сеќавате, тоа цело Скопје можеше да се увери, што правеше Владата на ВМРО ДПМНЕ токму со тие Македонци од Албанија кога ги носеа по Скопје да гласаат, низ некакви инженеринг процедури, за да можат да ја сменат волјата на граѓаните на општина Центар во изборот за градоначалник, кога беше избран после 3 гласања и прегласувања градоначланикот Жерновски. Нашиот пристап е сосема друг, ние ги цениме и ги сакаме нашите Македонци во Албанија, ги сакаме нашите Македонци и во Грција, и во Бугарија, и во Србија, и во цел свет, нема држава во која нема Македонец и на сите подеднакво им помагаме во однос на негување на македонскиот јазик, во однос на негување на македонската литература, во остварување на правото на образование на свој јазик. Вие знаете дека веќе во текот на изминатите месеци се отворија неколку катедри во соседни држави за македонски јазик, на нивните најдобри универзитети и така и ќе продолжиме.
Ковачевски додаде дека веќе се било подготвено за да се отвори и културно-информативен центар во Србија, а исто така привршувале и работите околу транспортот на одамна украдените икони од македонските цркви од Албанија.
„Станува збор за доста значајните икони, кои албанската влада, благодарение и на премиерот Еди Рама, кои успеаја да го завршат целиот процес во Албанија на нивно собирање и за многу кратко ќе видите како ќе ги вратиме украдените икони во Македонија. Таму ќе присуствуваат на тој настан и наши Македонци кои живеат во Албанија. Така да нашите Македонци во Албанија се исто толку Македонци колку и ние Македонци по род“, додаде Ковачевски.