Сѐ започнува на 22ри ноември – среда, истиот ден кога семејството на велешкиот фризер пријавува дека е изчезнат. Бил киднапиран поради долг од 500 евра кон еден од сега приведените велешани, но заднината всушност е да му се земе возилото – цитроен со кое подоцна е грабната Вања.
„Мотивот е првин со едниот од осомничените имале меѓусебен должничко – доверителски однос односно Панче должел некои 500 евра, така и веројатно е избран како жртва за да се земе колата за да се изврши грабнувањето. Тоа е што го имаме како некоја линија зошто е првин извршено грабнувањето на Панче, убиството на Панче и земено е неговото возило за овде да се заврши целокупниот криминален потфат“, рече Гаврил Бубевски – јавен обвинител во ОЈО Скопје.
Панче е убиен и закопан, цитроенот во наредните пет дена не се бара затоа што пријавата била само за исчезнатиот велешанец, но не и за автомобилот.
Возилото се појавува на камерите на Сејф Сити во Скопје пет дена подоцна, на 27ми ноември во понеделникот, утрината кога во 7.25 часото со него е грабната Вања од влезот на нејзината зграда, во близина на Фонтана во Градскиот парк, заедно со уште едно возило Рено Кангу кое било претходница.
Прашањето за тоа како осомничените киднапери, знаеле кога и каде би можеле Вања да ја најдат сама, според обвинителството ја добиле од нејзиниот татко.
„Двете од лицата кои што биле со возилото цитроен, а по претходно добиена информација која ја имале вечерта пред извршувањето на грабнувањето дека девојчето ќе биде само и во колку часот, во влезот од зградата го земаат и е ставено практично со врзани раце и нозе и во една вреќа за спиење, и го изнесуваат и го ставаат во гепек од возилото. Пред возилото цитроен се наоѓа возилото рено кангу кое цело време се движи пред нив и е однесено на локација надвор од Скопје. Според сведоците таму е извршено убиството, а после тоа е запалено возилото“, рече Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи.
Истиот ден попладнето, во 15.40 часот, полицијата го наоѓа запалениот цитроен во атарот на селото Бразди каде е убиена и закопана Вања. Спасовски вели има докази кој и на која бензиска го купувал бензинот кој се користи за палење на возилото, кое во тој момент се утврдува дека е во сопственост на Панче Жежовски, со што ги поврзуваат двете жртви.
Според информациите што ги дале сега приведените, воедно и сведоци на убиството, Вања била убиена околу 10 часот истиот ден, по нешто повеќе од два часа откако е киднапирана. Мотивите се користолуљубие, односно обид да се изнудат пари од мајката која дознале дека неодамна продала стан.
Целата верзија МВР и Обвинителството ја поткрепуваат на исказите на осомничените, прегледаните снимки и докази. Но и во случај некој од осомничените понатаму во постапката да го промени исказот, обвинителот Бубевски е уверен дека располагаат со доволно материјал да го потврдат.
„Сево ова што е од исказот има потврда во материјален доказ. Ако исказот вика дека ние го ископавме гробот таму и таму, и ние го наоѓаме таму, тоа е така. Ако имаме ДНК и викаат тоа го направивме, тоа е поврзување. Значи материјалните докази и вербалните докази, во овој случај затоа што се во фаза на истрага се поклопуваат, и тие се идентични. Таа е сликата и тоа е извршено, нема тука бегање“, истакна Бубевски.
Полицијата, како што соопшти Спасовски во саботата, уапсила 5 лица. Двајца се пуштени затоа што не ги поврзале со убиствата, но од нивните искази ја градат сликата за целата трагедија. Вчера утрината ги добиваат информациите каде се закопани телата на Вања и Панче по што се упатиле на терен. Пронајдените се во близина на Скопје и Велес. Љупчо Палевски Палчо, главниот организатор и извршител на убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска, е во бегство од 30ти ноември, три дена по убиството.