Започнуваме со изградба на нов кружен тек на вкрстување на улиците Кузман Јосифоски и Булевар Гоце Делчев, објави денес градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.
„Во централното градско подрачје потребен ни е слободен и брз проток на сообрајќајот. Особено на оваа раскрсница кај Центарот за култура Марко Цепенков, што во моментов претставува „тесно грло“ и често сме сведоци на огромни колони, сообрајќаен метеж и нефункционалност на вертикалната сигнализација. Со овој кружен тек го продолжуваме таканаречениот отворен сообрајќај низ центарот на градот и го ослободуваме и забрзуваме протокот на движење на сите учесници во сообрајќајот.
За имплементација на целосен систем на отворен сообрајќај во нашиот град, што е докажано, дека е најекономичен и озвозможува најголем проток на возила, ни остануваат уште неколку тесни грла во сообрајќајот, тоа се вкрстувањата на: бул. Гоце Делчев со улица Војводинска (раскрсница кај нова автобуска), бул. Гоце Делчев со улица Прилепски Бранители (раскрсница кај градска) и вкрстувањето на улица Александар Македонски со улица Димо Наредникот (раскрсницата кај населбата Димо Наредникот).
Ветените проекти продолжуваме да ги реализираме и да ги слушаме сите оние идеи кои што произлегуваат од нашите сограѓани! Важно е, да бидeме посветени за поубав и подобар Прилеп!“, истакна Јовчески.
Изведувач на работите е градежната компанија Изофас ДОО Прилеп.