ВИДЕО – ООУ „Кочо Рацин“ со бројни активности за дополнителна едукација на учениците преку дружба и забава


Основното училиште Кочо Рацин од Прилеп во првото полугодие од оваа учебна година организираше голем број активности за афирмација на училиштето, дополнителна едукација на учениците, но и надоградба на нивното знаење преку дружба и разни настани од забавен карактер. Еден од првите настани беше вклучувањето на 4а и 4б  одделение во одбележувањето на Светскиот ден без автомобили со вело тура низ прилепските улици. Учениците за организацијата на овој настан искажаа голема благодарност до ОВР Прилеп, Одделението за безбедност во патниот сообраќај, како и до сите родители кои со своето присуството ги поддржаа и го направија овој настан ден за памтење.

Учениците пак од 3б одделение под раководство на наставничката Павлинче Велјановска и образовниот асистент Маја Штрлоска го посетија Завод Музеј Прилеп по повод Европските денови на културното наследство. Учениците учествуваа во едукативни работилница на тема „Култ, жртвеник и неолитска куќа“ и се запознаа со археолошката поставка во музејот.

По повод пак Европската недела на спортот се одржаа голем број на спортски настани во училиштето.

Во чест на Европскиот ден на јазиците, 26-ти Септември, учениците од 8Г одделение низ низа на поговорки на различни јазици ни го пренесоа значењето на јазиците под мотото – „Јазикот е душата на секоја националност, нејзина светост и највредно богатство“

По повод неделата на детето ООУ „Кочо Рацин“ организираше интересен натпревар за врзување и шнирање на патики за учениците од 1 до 5 одделение. Идејата беше на наставничката Наташа Мирческа, а истиот настан беше поддржана од целиот колектив. Целта на настанот беше развивање вештини кај учениците, градење самодоверба, натпреварувачи дух, дружење, соработка со родителите и локалната заедница.

„Дефинитивно не знаат, врвците се заменуваат со лепенки, ако има врвци тука сме ние да помогнеме и не само што е проблем, врзувањето врвки е симболична работа, сѐ во животот врзуваме, тие треба да научат врзуваат и реченици, мисли, зборови, математички задачи. Мислам дека врзувањето врвки и тоа како би им помогнало, сепак е некој позитивен процес кој овозможува едно поинакво видување на работите“, вели Наташа Мирческа, наставник.

 

„Одамна немаме ваков настан за врзување и шнирање на патики, децата се презадоволни, радосни се сите и се надевам дека во иднина ќе стани традиционален“, истакна Горан Аврамоски, наставник.

 

„Мене денеска ми е многу убаво бидејќи има натпревар по врзување во врвци и сакам да учествувам во вакви натпревари“, вели еден од учениците.

 

„Јас се научив да врзувам врвци сега, мислев дека е многу тешко да се врзува врвци, ама кога се научив гледам дека е многу лесно. И јас сум многу среќна што денес е ден на детето и ние се натпреваруваме тука“, вели едно од децата.

 

„Јас научив да врзувам врвци од 5 години и беше многу лесно, не беше толку тешко бидејќи некаде сама учев, некаде со мајка ми и сега ми е многу лесно да ги врзувам“, додаде друг ученик.

 

Од колку години ти знаеш да врзуваш врвци?

Од 8, сега почнав да знам.

Кој те научи?

Со мајка ми се научив.

Сега сам си ги врзуваш патиките, или бараш малку помош?

Немам со врвци патики.

Со лепенки носиш патики?

Да.

Така ти е полесно?

Да, така ми е полесно“, вели трет ученик.

 

„Јас врзувам од 2 одделение, тогаш ме научија.

Тешко е?

Не, лесно е и брзо се учи“, додаде друг ученик.

 

„Знам да врзувам и сум 4 одделение. Ме научи татко ми да врзувам.

Од колку години врзуваш?

Од 7 некаде.

Тешко е?

Не баш“, истакна уште еден од денешните натпреварувачи.

 

„Од мала врзувам врвци.

Кој те научи?

Татко ми и мајка ми.

И за колку време ти ја шнираше и врза патиката?

1 минута, 20 секунди и 81 стотинка“, кажа друг ученик.

На почетокот на месец октомври најмалите ученици за првпат се зачленија во „Детската организација“. Во училишнот двор свечено беа дочекани од поголемите другарчиња кои им посакаа топло добредојде, среќно и успешно школување.

На 9 октомври со Интегриран работен ден на ученициите од ООУ Кочо Рацин на Паркот на Револуцијата во Прилеп започна одбележувањето на 82 годишнината од подигнувањето на востанието против фашистичкиот окупатор. Низ песни, рецитали и драматизација беше претставен Денот на востанието и значето на НОВ за создавањето на современата македонска држава. Целта е на еден нестандарден начин преку игра и забава младите да учат за минатото и за тоа како треба да си ја сакаат Татковината.

„Сакаме на националната свест и на тоа патриотско чувство да работиме од најмали нозе, тоа е и целта на овој настан, од најмали нозе да ги учиме учениците да си ја сакаат татковината, да си ја почитуваат, затоа што сама така ќе може да си ја зачуваме во ова време кога сите ни го негираат идентитетот, јазикот и не негираат нас“, рече Наташа Кулеска, наставник по македонски јазик.

 

„Преку игри и најразлични точки децата да сватат колку е значајна оваа манифестација, т.е. историјата за македонскиот народ. Ние, моите ученици ќе се претстават со гимнастичка точка на песната „Заветна““, додаде Мартина Јездиќ, наставник по физично и здравствено образование.

 

„Преку игри децава да ја осознаат историјата, нашиот најважен ден, 11 Октомври кој претставува почеток на народната борба за Македонија, каде борците го дале својот живот за нашата иднина“, истакна Јулијана Тренкоска, директорка на ООУ „Кочо Рацин“.

 

„Ние ќе раскажуваме за историјата и ние што сме од рециталот ќе кажеме како порано партизаните се поздравувале, кои биле партизани“, вели еден ученик.

 

„Ќе се поделиме во 3 групи и сите ќе направиме како што беа групите, спој на жиците, напад на Участакот и убиство на чуварот“, кажа друг ученик.

 

„Придонесуваат многу, бидејќи лично и јас научив многу работи, поточни датуми, како конкретно се случувале работите и преку драма сега ќе му го презентираме и на другите“, додаде уште еден од учесниците на манифестацијата.

По повод големиот национален празник 11 Октомври 1.200 деца од сите основни и средни училишта, помеѓу кои и учениците од ООУ „Кочо Рацин“ го формираа македонското знаме со големина од 24 на 12 метри на плоштадот Методија Андонов Ченто во центарот на градот. Оваа традиција во Прилеп се возобновува по 5 години пауза.

Учениците беа дел и од пригодната програма вечерта на 10 октомври на Камената бина во центарот на Прилеп по повод големиот Национален празник 11 Октомври.

Учениците од IV а одделение во придружба со своите родители и во соработка со АОК ,,Златоврв’’ ја потврдија својата еколошка совест и го одбележаа Меѓународниот ден на пешаците. Заедно пешачеа од манастирот Св. Димитрија во с. Селце до месноста Топташ. Целта на оваа активност беше подигање на еколошката совест за здрава животна средина и движење во природа.

Учениците ја посетија една од нашите најголеми прилепски компании, Прилепска Пиварница која широко ги отвори вратите за најмладите. Учениците од 2, 3, и 5 одделение ги посетија погоните за производство на производите на оваа компанија.

Наставничките пак од ООУ „Кочо Рацин“ кое се наоѓа во населбата Рид со креативни цртежи го разувавија училишниот двор за попријатна амосфера за учениците.

Учениците од 7 и 9 одделение, членови на Клубот- Природни науки го посетија одделот микробиологија при Центарот за јавно здравје во Прилеп. Учениците беа запознати со начинот на кој се прибираат и обработуваат материјали во одделот.

Ракометарите од ООУ „Кочо Рацин“ го освоија првото место на Општинскиот натпревар.

По повод неделата на демократијата ООУ „Кочо Рацин“ во соработка со ООУ „Кирил и Методиј“ од селото Канатларци организираше серија на настани чија цел е основниците да научат да си помагаат помеѓу себе, да се почитуваат и како да имаат толеранција на различностите. Активностите се одвиваа во училишниот двор на „Кочо Рацин“, каде дел од децата учествуваа во спортски активности, а дел пак ги цртаа белите ѕидови од дворот. Други ученици пишуваа пораки на тема демократија на турски и македонски јазик.

„Денеска децата треба да си подадат рака, и не само денеска туку и во другите денови, да си помагаат, да се почитуваат, да се сакаат и да знаат на кој начин треба да се помируваат. Тука се вклучени децата од 4 и 8 одделение и ликовната секција“, истакна Јулијана Тренкоска, директорка на ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп.

 

„Оваа година акцент ставивме на врсничкото насилство, тема која што е голем проблем за нас и со која секојдневно се соочуваме. Работилниците кои што ќе се одржуваат се прилагодени според возраста на учениците. Во секое одделение се спроведуваат различни работилници, а учениците кои се одговорни и кои ги спроведуваат нив се претседателите и замениците во одделенијата, односно членовите на ученичката заедница. И како еден вид на завршна активност која што ќе ја спроведат најстарите, учениците од 8 и 9 одделение од нашето училиште е дебатата и овие дебатери ќе дебатираат на тема дали сајбер и булинг насилниците иако ги носат овие негативни епитети сепак имаат повеќе пријатели и се поомилени во друштвото“, додаде Вера Цветкоска, наставник по германски јазик.

Се реализираше и проектот „Фудбал во училиштата“ чиј носител е Фудбалска федерација на Македонија. Учениците од 2 и 3 одделение при ООУ „Кочо Рацин“ заедно со својот наставник по ФЗО Илија Димоски, ја реализираа својата шеста активност.

Учениците од ООУ „Кочо Рацон“ го освоија и првото место на Општинскиот натпревар во одбојка за мажи!

Учениците од 3-то одделение ја посетија Уметничката галериија во нашиот град под раководство на родителпт м-р Маја Ралева Миладиновска и наставничките Павлинче Велјановска, Наташа Мирческа и Весна Паноска и имаа интерактивна средба со дел од учесниците уметници на проектот ПОД НУЛАТА. Темата на проектот беше заштита на животната средина, нешто со кое учениците многу добро се запознати.

По повод Денот на лицата со попреченост во ООУ Кочо рацин присуствуваше македонската параолимпијка и светски првак во стрелаштво, битолчанката Оливера Наковска – Бикова. Денот беше исполнет со многу активности: презентации, натпревар во пикадо, изработка на новогодишни честитки, разговори, делење автограми, радост, смеа и многу позитивна енергија.

Тадеј Велјаноски од 8 одеделение го освои првото место на Конкурсот за најдобра песна (за творбата ,,Копнеж”) кој беше во организација на Градската библиотека „Борка Талески“.

Учениците беа дел од проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ поддржан од Коалиција на младински организации СЕГА, во партнерство со Македонски центар за граѓанско образование, Првата детска амабасада Меѓаши, Смартап, а поддржано од детската фондација „Песталоци“.

Глигор Иваноски од 8 г. одделение го освои првото место на државнот натпревар по македонски јазик и литература.

На 22 декевмри ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп го одбележа својот патрон празник, 115 години од раѓањето на еден на нашите најголеми книжевници, најпознат по својата поезија, Koста Апостолов Солев Рацин. Активностите започнаа со мала приредба, положување на цвеќе и оддавање почит пред неговата биста сместена во училиштето. Одбележувањето беше во соработка со СОУ „Орде Чопела“ од Прилеп и ООУ „Кирил и Методиј“ од селото Канатларци. За сите присутни имаше поодготвено традиционални македонски и турски специјалитети.

 „Советот на родители од нашето училиште и советот на родители од училиштето „Св. Кирил и Методиј“ приготвија традиционални јадења. Оваа активност ја спроведивме затоа што на 21 декември беше Денот на турската азбука. Јас се надевам дека оваа соработка ќе продолжи и понатаму, нека ни е честит патрониот празник, да го славиме уште многу години“, кажа Јулијана Тренкоска, директорка на ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп.

 

„Во проектот и ние учествувавме со традиционални јадења од турската менза. Посебно ни е драго што бевме приклучени на ваква активност и се надевам дека во иднина ќе соработуваме и со другите училишта“, додаде Усеин Арифоски, директор на ООУ „Кирил и Методиј“ од с. Канатларци.

 

„Чест и задоволство беше да се соработува со двете основни училишта, ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп и “Св. Кирил и Методиј“ од Канатларци. Денес по повод патрониот празник двете основни училишта и нашето СОУ „Орде Чопела“ учествуваа во мимо активност. Се надевам дека нашата заедничка соработка ќе продолжи и понатаму и ќе вроди со уште поголеми активности во иднина“, истакна Тереза Златеска, директорка на СОУ „Орде Чопела“ – Прилеп.

Тадеј Велјаноски од 8 одделение го освои второто место, а Јана Маркоска од 6 одделение третото место на Божиќниот литературен и ликовен конкурс на тема „Рождество Христово – Божиќ“ кој се организираше од страна на црквата Света Петка во Прилеп.

Ова се само дел од големиот број настани и манифестации во кои беа вклучени учениците од ООУ „Кочо Рацин“ во првото полугодие од оваа учебна година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи