Најголемиот тутунски комбинат во Македонија, Тутунски комбинат Прилеп ланската година ја заврши со добивка од 2.7 милиони евра. Официјалните податоци на компанијата покажуваат дека не заработиле од производството и продажба на тутун туку биле во загуба од 1.8 милиони евра на крајот на 2023 година. Но затоа пак благодарение на финансиските приходи од 5 милиони евраоваа компанија успеала да прокнижи нето добивка од 2.7 милиони евра.
Оперативните приходи, за кои се наведува дека за мал процент се намалени во однос на претходната 2022 година, се во износ од 841.912 илјади денари (13.66 милиони евра). Причината за ваквото движење се лоцира кај нешто пониските приливи од продажбата, чија вкупна сума е 826.983 илјади денари (13.4 милиони евра). Конкретно, пад има на домашниот пазар од каде се инкасирани 253.635 илјади денари (4.1 милион евра), за разлика од 2022, кога била реализирана продажба од 262.054 илјади денари (4.25 милиони евра). Сепак, приходите од продажбата на странските пазари се зголемени од 556.052 илјади денари (над девет милиони евра) во 2022 на 573.348 илјади денари (9.3 милиони евра) лани.
Повисоки се и оперативните расходи од 905.243 илјади денари (14.69 милиони евра) на 952.520 илјади денари (15.46 милиони евра). Тука влијаеле трошоците за суровини и другите потребни материјали во производството, како и за вработените. Од Комбинатот посочуваат дека финансиските приходи се зголемени за 30 проценти, од 3.9 милиони евра во 2022 на над пет милиони евра лани. Наспроти тоа, финансиските расходи бележат осумпроцентно намалување и доаѓаат до износ од 620 илјади евра.
Постои веројатност дека приливот на прилепскиот Тутунски комбинат доаѓа од поврат на вложувања во фирма – ќерка, односно заедничката инвестиција со меѓународната тобако корпорација „Филип Морис“, па од таму прилепската компанија заврши со добивка. Имено, најверојатно прилепската компанија остварила поврат во форма на дивиденда во вредност од 4 милиони евра што е за 27 отсто повеќе од повратот во 2022 година.
Инаку акционерите на Тутунски комбинат веќе извесен период не добиваат дивиденда, а нема да биде поделена ниту ланската добивка, која целосно ќе биде искористена за покривање на загубите од минатите години.