Крајот на 2026 е новиот рок до кога треба да се заврши автопатот Кичево – Охрид

Facebook
Twitter
Email
Print

Владата на вечерашната седница одреди нов краен рок за изградба на автопатот Кичево – Охрид, кој веќе доцни со изградба. Новиот рок е до крајот на 2026 година. Како причина за пролонгирање на рокот за изградба на автопатот, кој првично беше 31 декември 2023 година, од Владата ги наведуваат 13-те нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на „првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница“.

„Владата, на предлог на Министерството за транспорт и врски, ја разгледа Информација за потребата од донесување Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, заради склучување Анекс бр.6 кон Договорот за изградба на автопат, делница Кичево – Охрид и ги утврди предлог одредбите на дополнувањето.

Со утврдените законски дополнувања, 31.12.2026 година се предвидува како краен рок до кога Изведувачот треба да ги заврши работите на оваа автопатска делница. Причина за пролонгирање на рокот за изградба се 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница“, стои во соопштението на Владата.

Финансиските средства за изградба остануваат непроменети и изнесуваат 598 милиони евра.

Бидејќи станува збор за дополнувања на Закон, анексот треба да биде изгласан од Собранието. Дали тоа ќе го направи актуелниот состав е под знак прашање, бидејќи како што беше соопштено денеска последната седница овој парламентарен состав ќе ја одржи в четврток (28 март), или ќе остане за анексот да одлучува следниот состав на законодавниот дом по парламентарните избори закажани за 8 мај.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи