Во организација на Општина Македонски брод на 01 и 02 Јуни 2024г во Самоков ќе се одржи третиот адреналински фестивал на отворено SAMOKOV XTREME. Главната цел на овој фестивал е развојот на туризмот во Поречкиот регион и ставање на с. Самоков на мапата на атрактивни дестинации за авантуристички туризам. Базата на фестивалот, на кој се очекува да учествуваат повеќе од 500 вљубеници во природата и авантуристи, ќе биде на фудбалскиот стадион во Самоков, каде ќе има организирано кампување на учесниците, придружено со културно забавни активности. Учесниците со своите спортски вештини ќе можат да се презентират во следниве дисциплини и истите ќе имаат ревијален карактер :
– возење со теренски возила ( џипови)
– возење со мотокрос
– возење со АТВ возила
– планинарeње
„Во населеното место Самоков ќе се одржат 2 настани, а тоа се трет по ред Самоков Екстрим и велосипедската трка Вело Че низ Порече. Овие настани се одлична можност да се виде недопрената природа на општина Македонски Брод, која изобилува со многубројни шуми, извори, пештери, билки и многу други ретки можности кои можат да се видат само во нашата општина. Овие настани се одлична можност за развој на руралниот туризам, алтернативниот туризам и за заживување на Поречието како привлечна дестинација за многубројни туристи кои ја сакаат природата и кои сакаат да уживаат во овие убавини. На 1 јуни ќе се одржи ревијалниот дел на манифестацијата, фестивалот на отворено Самоков Екстрим, каде ги покануваме сите граѓани во земјава, а и надвор од неа, навремено да си обезбедат сместување во некој од нашите сместувачки капацитети. Тука во населеното место Самоков ќе има можност и за кампување, да си понесат со себе само позитивна енергија, шатор и бесплатно можат да се сместат на стадионот кој се наоѓа во Самоков и можат таму да престојуваат. Покрај спортскиот дел ќе има и базар каде што ќе можат да се видат и вкусат традиционалните локални производи“, истакна Вања Димоска, Општина Македонски Брод.
„Денеска сакам официјално да се заблагодарам на општина Македонски Брод и градоначалникот Жарко Ристески за довербата што ни ја дава нас на Здружението и на нашите капацитети годинава и во изминатите 2 години. Да се заблагодарам на Здружението за мото крос Хард Ендуро од Прилеп, Здружението Оф Роуд од Прилеп за теренски возила, Здружението Пелагона Прва која ќе биде задолжена за планинарската тура и Здружението Вело Че со која имаме и досега одлична соработка на локално ниво. Како ексклузива можеме да ја најавиме идната соработка на државно ниво, бидејќи пред само 1 недела сите здруженија од нашата држава, на број околу 25, формиравме една Асоцијација на аматерски спортски клубови и здруженија. До овој момент има многу голема заинтересираност за учество на фестивалот Самоков Екстрим од многу здруженија од повеќе градови на Република Македонија и сите оние кои сакаат да се запознаат за деталите на фестивалот и на турите кои се дел од овој фестивал можат да го посетат фан пејџот Аутдор фестивал Самоков Екстрим, каде ги има сите детали и одговор на сите прашања што следуваат понатаму“, рече Гоце Бојкоски, Здружение Форум за авангардна креативност.
„Ние како Вело Че низ Порече и како Вело Че од Прилеп годинава ја одржуваме шести пат оваа велосипедска тура, трета година веќе во склоп на Самоков Екстрим викендот, помогната од општина Македонски Брод. Годинава ќе биде на сосем нова локација и така се вика и годинашната тура, Од другата страна на Поречието. Одиме од Извор Манастирец ќе биде стартот, црквата Пресвета Богородица, Томино село, Сушица, Инче, Могилец и пак назад во должина од 30 и нешто километри. Во склоп на оваа годинашна тура ќе има и уште една помала тура, за помалку спремните. Ќе бидеме сместени во Извор Манастирец ресторанот, имаме место за камп со шатори и други сместувачки капацитети, дојдете на 1 и 2 јуни да си поменете убаво и да ја откриете и другата страна на Поречието, досега не е возена“, додаде Даниел Гарбески, вели тура „Вело ЧЕ низ Порече“.
„Оваа година по трет пат имаме можност да ги откриеме убавините на Самоков и Поречието, како наша дестинација ја одбравме планината Добра Вода како ретко посетувана планина, но која што плени со недопрена природна убавина и зеленило. За сите љубители на планинарењето создадовме една патека, кружна, од 15 километри, патеката почнува и завршува во Самоков, би ја категоризирала како средно тешка тура која е прилагодена за сите возрасни групи, но не би ја препорачала за почетници, оние кои што немаат никаква физичка активност. Што се однесува до опремата, потребно е стандардна планинарска опрема за овој период од годината, не треба нешто посебно или специфично, но она што би сакала да го нагласам е дека за сите оние планинари кои доаѓаат од Прилеп, како и претходната година, така и оваа година имаме обезбедено превоз од Прилеп до Самоков и назад“, изјави Маријана Ѓеорѓиевска, здружение „Пелагона Прва“.
„Создадовме патека во должина од 65 километри која ќе тргнува од Самоков до манастирот Св. Никола. Патеката е лесна, авантуристичка, очекуваме голем број на посетители, така да многу е важно да се задржи редот и дисциплината на возењето. Како што кажав тргнувањето е од Самоков до манастирот Св. Никола, каде е предвиден ручек за сите учесници на настанот, после тоа се тргнува од манастирот Св. Никола до село Битуше и потоа до Самоков, со што ја завршуваме целата тура во должина од 65 километри. Патеката е лесна, авантуристичка, можат сите да учествуваат со технички исправни возила, што е многу важно, и со опрема која е предвидена за теренско возење“, вели Дејан Пеливаноски, „Hard endure Prilep“
„Годинава имавме чест и привилегија да бидеме повикани од организаторите на Самоков Екстрим и да помогнеме колку можеме како клуб да се маркира една добра патека во должина од 65 километри, која годинава ќе се вози низ поречието. Пред се апелирам и сакам да нагласам дека оваа патека е чисто од авантуристички карактер, што значи дека нема да има вклучено трки и такви работи, така да апелирам до сите учесници, кои би требало да бидат некаде околу 50тина на број да се придржуваат на правилата на организаторот со цел да се избегнат било какви несакани последици и да се наруши интегриутетот на настанот. Што се однесува до техничкиот дел, за учество на турата потребни се возилата да бидат со 4х4 погон, односно погон на сите 4 тркала, пожелно е да се има и дополнителна опрема во возилата со цел доколку има некој дефект или било што да може да се реагира и повторно да не се наруши текот на целата тура. Тргнувањето е од Самоков, крајната точка е манастирот Св. Никола“, кажа Благоја Конески, претставник на „OFF ROAD PRILEP“.
ПРОГРАМА ЗА OUTDOOR ADRENALINE FESTIVAL „SAMOKOV XTREME 24“:
Сабота 01.06. 2024г
09.00ч – 12.00ч пристигнување на учесниците и формирање на кампот каде ќе престојуваат
12.00 ч – 14.00 ч регистрација на учесниците и подигнување на стартните пакети
14.00 ч Самоков – Волче – Пеклиште – црква Св.Богородица – Долно Ботуше – Кицин – Самоков. 40км
20.30ч палење на логорски оган и дружба на учесниците и месното население
21.00ч – 23.00ч гледање на финалето во Лигата на Шампионите помеѓу Реал Мадрид и Борусија Дортмунд
22.45ч заедничка забава на учесниците на фестивалот и месното население
Недела 02.06.2024г
09.30ч поздравен говор на Градоначалникот на Македонски брод Г дин Жарко Ристески
10.00ч заеднички старт на учесниците во сите дисциплини
- Возачите на теренски возила, АТВ возила и мотокрос ќе возат тура на релација :
Самоков – Бачилиште – Илино – Железна река – Манастир Св Никола – Бенче – Самоков.
Информации за турата :
Трпески Влатко 076 403 156
Чупаркоски Панче 070 339 200
Пеливаноски Дејан 070 415 168
Николоски Синиша 078 688 036
Ристески Бранче 078 371 458
Оливероски Аце 078 207 570
- Планинарска тура
Се стремиме кон Порече заради не толку често посетените убавини кои пленат со зеленило и недопрена природна убавина. Добра Вода е не толку посетена планина и токму заради тоа плени со својата недопрена убавина. Таа е висока венечна планина во Македонија што се издига помеѓу долината на Мала Река од исток и Кичевската Котлина од запад. Се дели на два дела: северен (познат и под името Челоица) со највисок врв Добра Вода (2.062 м) и јужен (познат како Песјак) со врвовите Кула (1.917 м) и Коњарник (1.874 м).За вас подготвивме многу интересна тура со локалните волонтери од Самоков заради подобро запознавање на магијата на Порече. Самоков е срцето на Порече, ако не верувате дојдете и ќе видите сами.
ОПИС НА ТУРАТА:
– Старт од село Самоков во 10:00ч. Селото Самоков се наоѓа во областа Порече, во западниот висок планински дел на територијата на Општина Македонски Брод, на просторот на левата страна на реката Треска. Селото е ридско, на надморска височина од 600 метри.
– пешачење по асфатиран пат од 1.5 км до село Ковач. Селото Ковач исто така се наоѓа во областа Порече, во западниот висок планински дел на територијата на Општина Македонски Брод, над селото Самоков. Селото е ридско, на надморска височина од 720 метри, не е заведено во катастарската евиденција и го дели атарот со соседното село Самоков.
– по изминување на асфалтот движењето е низ шумска патека кадешто во најголем дел сме под сенка, континуирано сме опколени со високостеблеста шума и сите нијанси на зелено. Попатно правиме кратки паузи.
– пристигнување во село Бенче кадешто правиме подолга пауза за ручек и освежување. Селото Бенче е на половина од патеката… од стартот до село Бенче има 7,5 км.
– од село Бенче продолжуваме да се движиме по планинска/козја патека до село Самоков во должина од околу 7 км од кои околу 1 км пред финиш одиме по асфалтен пат.
– Ова е средно тешка тура со околу 15км вкупна должина (12 км – шумска патека, околу 3 км асфалтен пат). Патеката е кружна, но стартот и финишот е на местото кадешто е поставен кампот, на фудбалското игралиште во Самоков.
– Предвидено е пристигнување во кампот најдоцна до 16 часот.
ПОТРЕБНА ОПРЕМА И УСЛОВИ:
– психофизичка подготвеност за пешачење
– удобни чевли/ чизми (не е препорачано да се носат патики)
– Панталони со долги ногавици
– Планинарски стапчиња
– Капа и средства за УВ заштита.
– Кабаница
ИСХРАНА:
– секој сам си носи исхрана од ранец;
– вода 2 литри. (вода има во селото Бенче);
– суво овошје, сендвичи и сл.
НАПОМЕНА:
– За да не дојде до оптоварување на турата, задолжително е претходно пријавување за учество;
– Секој учесник е должен да ги почитува правилата и насоките на организаторот и водичите, во спротивно сам е одговорен за несаканите последици;
– Организаторот и водичите имаат право да исклучат член пред стартот на планинарската акција доколку не ги исполнува наведените услови и не ја поседува соодветната планинарска опрема за предвидената планинарска акција.
– Организаторот и водичите го задржуваат правото на измени на термините и редоследот на акцијата во зависност од временските услови и останатите технички препреки.
– За сите планинари кои доаѓаат од Прилеп, организаторот ќе обезбеди автобуски превоз на релација Прилеп – Самоков.
ВОДИЧИ НА АКЦИЈАТА:
- Маријана Ѓорѓиевска
https://www.facebook.com/marijanaaaa.pp?mibextid=ZbWKwL
2. Марјан Ристески 071 201 111
3.Рокси Ронџа 075 465 852
4.Анѓелески Златко 078 445 055
16.00 – 18.00 организиран заеднички ручек (војничко гравче) за сите учесници на настанот
ВАЖНО!!!
Учесниците на настанот кои ќе не посетат треба најпрво да се регистрираат на пунктот за пријавување, да си подигнат стартен пакет и да потпишат Изјава за учество на сопствена одговорност. Стартниот пакет чини 600 денари и содржи: место во кампот, сувенир маичка, присуство на вечерната забава, учество во адреналинскиот конвој и производи од спонзорите на фестивалот.
Оние учесници кои нема да бидат дел од кампот во Самоков во саботата, односно ќе пристигнат утрото во неделата ќе треба : најпрво да се регистрираат, да подигнат стартен поакет и да потпишат Изјава за учество на сопствена одговорност .
ПС.во недела наутро ќе има организиран превоз на релација Прилеп – Самоков – Прилеп со автобус.
За подетални информации за настанот – Гоце Бојкоски 075 770 600.