Министерството за образование и наука од денеска вети исплаќање на паричните средства за основците и средношколците коишто не беа реализирани претходно. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ги задолжи надлежните да направат детален преглед на нереализираните финансии што треба да ги добие секој ученик кој ги исполнува условите за остварување на ова право.
„На првиот работен ден од мандатот, министерката за образование и наука Весна Јаневска ги задолжи надлежните сектори да направат детален преглед на нереализираните финансиски обврски по секој еден ученик чие семејство ги исполнува условите и има поднесено апликација за остварување на ова право. Врз основа на доставениот извештај, се направи план со динамика на исплата“, соопштија од Министерстово.
Финансиската поддршка беше дел од деветтиот пакет антикризни мерки на претходната влада. Право на финансиска поддршка од 1.200 денари имаат основците, односно 1.800 денари им следуваат на средношколците. Во изминатите месеци исплатата на средствата не беше редовна, а од МОН тврдеа дека средствата не се исплаќаат поради некомплетна документација од страна на учениците.