Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов изјави дека дождот што заврнал вчера во попладневните часови на повеќе места низ државата ги изгаснал сите активни пожари.
Ангелов вели дека вчера пред дождовите имало, како што потенцира, неколку сериозни пожари како оној на Кајмакчалан што избувнал во стара борова шума, како и пожарот во близина на Пробиштип што им се заканувал на две села.
,,Благодарение на дождот кој што вчера во попладневните часови падна на повеќе места на држават и притоа ги поклопи скоро сите активни пожари, пожарите се целосно изгаснати.
Вчера имавме многу тежок ден затоа што имавме неколку многу ризични пожари како што беше пожарот на Кајмакчалан и пожарот во близина на Пробиштип.”, вели Ангелов
Според УХМР нови врнежи од дожд се очекуваат и денес во попладневните часови, Ангелов смета дека со овие врнежи оваа сезона на пожари драстично ќе биде намалена.
„Според УХМР и денеска во попладневните часови нè очекуваат нови врнежи. Врнежи нè очекуваат и во текот на утрешниот ден. Со тоа сметам дека оваа сезона со пожари драстично ќе биде намалена, ако не и завршена. Пожарите секако ќе продолжат и понатаму, до ноември. Впрочем, како што беше и минатата година, но барем засега ќе можеме да здивнеме“, рече Ангелов.
Според директорот на ЦУК почвата и вегетацијата сега ќе бидат влажни, што значи дека барем наредните 10тина дена ќе бидат мирен период.