Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ денес му порача на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија доживеала премногу неправда на патот кон Европската Унија и дека Хрватска ќе продолжи да се залага за забрзување на тој процес.
„Мислам дека од македонска страна се направени толку многу отстапки, што ретко кој народ и ретко која земја би прифатил да направи толку чекори од своја страна доколку не го забрзаат својот пат кон членство во Европската унија“, рече Пленковиќ.
Пленковиќ, кој го прими Мицкоски во Загреб, додаде дека е охрабрен од тоа што поддршката на народот на Македонија за европска интеграција е сепак висока, околу 70 проценти.
Премиерот Мицкоски рече дека неправдата што и е нанесена на земјата во изминатите две и пол децении е голема и дека се направени отстапки како никој друг, тргнувајќи од привремената рефренција на името на државата, преку менувањето на знамето и банкнотите, до промената на името на државата со Преспанскиот договор. Тој оцени дека земјата е во еден вртлог во којшто нема извесен крај, иако желбата на македонските граѓани да бидат дел од семејството на ЕУ е голема.
„Ние имаме многу внатрешни проблеми и тие ќе ги решаваме и тука не треба да има дилема, ќе работиме колку е потребно. Ние направивме доволно сега треба некој да ни ја подотвори врата за да можеме да влеземе во таа просторија за да почнеме да преговараме и да покажеме колку можеме“, рече Мицкоски.
Двајцата премиери разговараа и за унапредување на билатерланата соработка на сите нивоа, особено на економски план со оглед на тоа што постојат можности за унапредување, иако трговската размена сега на годишно ниво е 300 милиони долари.