Ниту едно дете – ученик не смее да остане дома. Сите ученици со попреченост мора да бидат примени во училиштата. Имаме наставници, инклузивни тимови и стручни служби и истите треба да бидат подготвени да ги примат децата, одговори министерката за образование и наука Весна Јаневска на новинарско прашање околу ангажирањето на образовни асистенти во основните училишта.
„Децата со попреченост имаат и ќе имаат асистенти. Досега се обезбедени 815 образовни асистенти, за останатите 200 асистенти се чекаше на ребалансот на буџетот, за да се обезбедат средства. Министерството за образование и наука ја заврши својата задача“, изјави министерката.
Според Јаневска проблемот е кај училиштата.
„Проблем со асистентите нема, има проблем со училиштата. Конкурсите за ангажирање на асистентите е обврска на училиштата со ресурсни центри и нивна задача е да планираат кога да го распишат и објават конкурсот. Зошто поставуваме директори на училишта, ако не си ги знаат своите основни обврски. Пет дена се работи она што Министерството го работи во еден ден. Само им порачувам на родителите да не се секираат. Тоа што сум го ветила и ќе го исполнам. Очекувам дека асистенти ќе има во вторник. Но, добро е ова сознание за да знаеме дека треба да посветиме многу внимание и на петте ресурсни центри кои треба да ја завршат оваа работа, но и да ги доедуцираме и менаџерите, директорите на училиштата, но и тимовите кои треба да ја преземат оваа активност. Следната година вакво нешто нема да се повтори, затоа што сега го имаме сознанието, родителите воопшто да не се секираат, ќе има асистенти“, додаде Јаневска.