ВИДЕО – Во Прилеп доделени сертификатите за завршено основно образование на возрасни повратници од ЕУ


Од месец март до јули во ООУ „Добре Јованоски“ во Прилеп се организираше вториот циклус за образование на возрасни, кои се повратници од европските држави, а кои тука сега го комплетираа основното образование кое што ќе им помогне во понатамошна реинтеграција во општеството.

„Долго време бев во Белгија и кога се вратив тука не ми беше признато училиштето и се обратив во училиштето „Добре Јованоски“ и таму имаше проект за 9 одделение. Се запишав, учев и разбрав дека без училиште нема ништо, за возачка да извадиме ни треба, за работа ни треба, за се ни треба училиште“, рече Кевин Рашидоски, дел од циклусот за образование на возрасни.

 

„Бев во Германија ама таму не се снајдов, се вратив тука и се запишав за да имам училиште, за возачка, за работа, сведителството ќе ни користи за се“, додаде Аркан Керимоски, дел од циклусот за образование на возрасни.

На сите кои го завршија овој циклус им беа доделени сертификати. Проектот е финансиски поддржан од УНДП. Министерката за образование истакна дека Македонија не може да се пофали со целосна инклузија на сите граѓани во образовниот систем, а преку овие проекти им се овозможува тие да се вклучат на пазарот на труд.

„Наши луѓе кои побарале подобар живот сега се враќаат во својата Татковина. И тргнале по правиот пат да се образуваат и дообразуваат, формално и неформално за да можат повторно да се реинтрегрираат во општетството“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование.

 

„Пристапот до основното образование се смета за основно човеково право и сметаме дека секој граѓанин на оваа земја треба да го поседува тоа“, додаде Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.

 

„Не можеле да го дооформат своето образование овие наши граѓани и сега ќе бидат импелементирани во системот“, кажа Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Инаку овој проект започна на Форумските сесии на општините пред 2 години кога со овој проект настапи училиштето Добре Јованоски.

„Нашето училиште е сертифицирано уште од 2007 година за образование за возрасни, но еве за прв пат ни се укажа таа можност да можеме да им го дооформиме основното образование на оние кои што се вратиле од странство“, потенцираше Панде Николоска, директорка на ООУ „Добре Јованоски“ – Прилеп.

Лани се доделија 20, а годинава 29 сертификати.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи