Владата ја одржа својата 20-та редовна седница на Влада при што беа донесени повеќе одлуки и решенија. Владата донесе одлука за формирање на Совет за управување со јавни финансии, како највисоко координативно тело на Владата за следење на спроведувањето на реформите на управувањето со јавни финансии предвидени со Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии 2024 – 2027 година. Советот ќе го сочинуваат претседател и девет члена, и тоа:
– министерот за финансии – претседател;
– министерот за европски прашања – член;
– министерот за енергетика, рударство и минерални суровини – член;
– министерот за јавна администрација – член;
– министерот за дигитална трансформација – член;
– директорот на Царинската управа – член;
– директорот на Управата за јавни приходи – член;
– директорот на Бирото за јавни набавки – член;
– претседателот на Државната комисија за жалби по јавни набавки – член и
– главниот државен ревизор – член
Основни работи на Советот се да ги презема потребните активности при остварување на реформските цели на Програмата, да го разгледува и одобрува Предлог-Годишниот Акциски план за спроведување на Програмата, пред негово усвојување од страна на Владата, да го следи спроведувањето на Програмата и Годишниот акциски план за спроведување на Програмата во однос на утврдените резултати, показатели и таргети, да ги разгледува, дава мислења и препораки за полугодишниот и годишниот извештај за напредок во спроведувањето на Програмата и на Годишниот акциски план за спроведување на Програмата кои се доставуваат на усвојување до Владата, да предлага мерки што влијаат врз временската рамка за спроведување на активностите, да предлага мерки поврзани со финансирање на активностите во рамките на Програмата, да обезбедува тесна соработка помеѓу релевантните институции вклучени во реализација на активностите, да решава кои било прашања поврзани со координација помеѓу засегнатите страни, да води дијалог за политиките на високо ниво со донаторите и другите засегнати страни за спроведување, финансирање и опфат на реформата на управување со јавни финансии, да следи и дава насоки за обезбедување на широка општествена поддршка за планираните реформи на управувањето со јавните финансии, да го води процесот на среднорочна и конечна процена на целите и резултатите на Програмата и предлага промени на мерките и активностите утврдени во Програмата и заеднички да ги разгледува критичните точки или тесни грла во понатамошното спроведување на Програмата, и предлага и презема корективни активности за решавање на идентификуваните проблеми (во поглед на процесот на управување со ризици).
Владата усвои информација за реализација на проекти од Програмата за изградба и реконструкција на спортски објекти за 2024 година од страна на Министерството за спорт.
Со информацијата се опфатени следниве проекти:
• Проект „Изградба на спортска сала во Воена академија- Скопје“. Спортската сала ќе се гради во комплексот на касарната во општина Аеродром. Истата ќе биде наменета за питомците на Воената Академија. Реализацијата на истата ќе се одвива 2024 и 2025 година.
• Проект „Санација на спортска сала Расадник, општина Кисела Вода“. Во соработка со општина Кисела Вода ќе се изврши реконструкција на постоечкиот објект. Од страна на општината е подготвен Проект за реконструкција на мултифункционалната спортската сала Расадник со капацитет од 1000 – 1500 гледачи.
• Проект „Санација на спортска сала во УКИМ“. Салата е оштетена од причина што по завршување на градежните активности истата не беше приклучена на водоводната и канализационата мрежа, што претставуваше обврска на Универзитетот. Потребни се низа на санации, како поправање на фасада, менување на прозори, машинство обезбедување на опрема и сл.
• Проект „Санација на спортска сала во општина Радовиш“. СРЦ „25 Мај“ Радовиш располага со вкупна површина од 3.968 м². Самиот комплекс располага со голема сала со површина од 1.126 м² и капацитет од фиксни трибини од 1300 гледачи, но со помош на подвижни седишта гледачкиот капацитет се движи од 1300 до 2600 во услови на боксерски и слични натпревари и мала сала со површина од 400.80 м² со капацитет од 160 гледачи.
• Проект „Санација на спортска сала во општина Ново Село“
• Проект „Санација на фудбалско игралиште на ФК Тетекс, Тетово“
• Проект „Санација на маалски мултинаменски игралишта“
• Проект „Санација на детски игралишта со поставување на спортска опрема во градинките“
• Проект „Поставување на пристапни рампи во објектите за спорт за лица со попреченост“
• Проект „Изградба на атлетска патека во општина Гевгелија“
Министерство за спорт ќе спроведе постапки за јавни набавки со цел избор на најповолен понудувач/изведувач и надзорен орган при реализација на проектите.
Оваа година средства во висина од 35.039.500,00 денари ќе бидат наменети за инвестиции за овие објекти.
Владата ја разгледа и усвои информација за преземените активности за раскинување на Договорот за закуп на административно – деловен простор склучен помеѓу ХЕЈ ДООЕЛ Скопје и Акционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Северна Македонија. Овој договор кој е склучен за време на минатата влада предизвика силни контроверзни и нереални високи суми при што се споменуваа и одредени лукративни интереси. Договорот е во износ од 2.26 милиони евра во период од неколку години.
На денешната седница на Владата, на предлог на Службата за заеднички и општи работи, беше формирана комисија со цел да започне постапка за измена и дополнување на два важни закона за промоција на транспарентноста и владеењето на правото.
• законот за користење и располагање со стварите во државна и стварите во општинска сопственост и
• законот за возила
Со овие измени ќе се воспостави регистар на сите државни патнички моторни возила кои ќе бидат обележани со регистарски таблици во посебна боја за полесно идентификување.
Владата донесе повеќе кадровски одлуки при што:
1. Абаз Селмани, го именува за Национален координатор за интеркултурализам, развој на културата и меѓуресорска соработка.
2. Даниела Јовчевска – Михајловска, ја именува за вршител на должноста директор на Државен испитен центар, на предлог на министерoт за образование и наука.
3. Али Абдула, го именува за вршител на должноста заменик директор на Државен испитен центар, на предлог на министерот за образование и наука.
4. Роберт Аџипетров, го именува за вршител на должноста директор на Педагошка служба, орган во состав на Министерство за образование и наука.