Јавноста ги знае ставовите на политичкото мнозинство во државата. Што се однесува до Собранието, веднаш штом ќе има политички договор, ние сме спремни да ја почнеме процедурата. Мислам дека имаме 2/3 мнозинство и тој процес во Собрание мислиме дека лесно ќе помине и ќе го реализираме. Зависи од политичкиот моментум, изјави денес претседателот на Собранието, Африм Гаши запрашан за европскиот пат на Македонија.
„Не треба да работиме на обезбедување на двотретинско мнозинство за уставните измени кои се услов за продолжување на преговорите со ЕУ, затоа што ние веќе имаме двотретинско мнозинство во Собранието, туку работиме на добивање гаранции од ЕУ дека ќе нема нови вета од Бугарија. Јас лично и повеќето граѓани сакаме што побрзо да почнеме, јас сакам уште денеска да почнеме, но внимателни сме да не ни се случи три месеци по уставните измени пак да добиеме вето. Ако се случи нешто такво, се плашиме дека ќе ни потфрли целиот процес. Тоа ќе го поттикне многу силно евроскептицизмот во државата. Темата е многу сензитивна и треба да бидеме многу внимателни во овој дел. Сепак се работи за Устав, а ние сме рекордери во неговото отварање, во 1992 година сме го отвориле Уставот дури на само два месеци месеци откако сме го донеле. Треба да бидеме внимателни, ние сакаме да се заврши работата, затоа што евроинтеграцијата ни е приоритет“, рече Гаши.
Неговиот став доаѓа по вчерашната изјава на новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос.
„Очекуваме С. Македонија да ги направи уставните промени, а потоа да го забрзаме процесот“, кажа Кос по изборот на новата Европска комисија во Стразбур.
Запрашана дали ова ќе биде последно барање од Бугарија, еврокомесарката одговори дека на тоа не може да даде одговор. За да се реши блокадата на интеграцијата на земјава нагласи дека треба повеќе разговори со Софија.
„Да се зборува, што е можно повеќе, и со С. Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален пролем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ, и секако што е најдобро за С. Македонија“, рече вчера Кос.
Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во ЕУ. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот парламент во Скопје, но засега нема одобрение од Владата.