Минатата година вкупните трошоци за заштита на животната средина изнесуваа 144,3 милиони евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Податоците за 2023 година покажуваат дека во вкупните трошоци за заштита на животната средина според еколошката намена, најголемо е учеството на трошоците за управување со отпадни води, и тоа изнесува 50,5 милиони евра, или 35 насто од вкупните трошоци. Потоа се трошоците за постапување со отпад, за кои лани се потрошени 40,8 милиони евра, или 28,3 насто, а на циркулациски системи за снабдување со вода се потрошени 20,9 насто од сите трошоци за заштита на животната средина, или 30,2 милиони евра.
Трошоците за заштита на животната средина претставуваат збир на инвестиции и тековни трошоци за преземање активности поврзани со заштита на животната средина. Притоа, инвестициите за заштита на животната средина опфаќаат вложувања со цел намалување, спречување или отстранување на загадување или каква било друга деградација на животната средина што произлегува од работењето. Тековните трошоци за заштита на животната средина опфаќаат трошоци зa работна сила, издатоци за функционирање и одржување на опремата за заштита на животната средина, и плаќања на трети лица за услуги за заштита на животната средина, објаснуваат од Државниот завод за статистика.
Од сите трошоци, инвестициите во заштитата на животната средина биле околу две третини, или 89,8 милиони евра, а речиси една третина, или 54,5 милиони евра, биле тековни трошоци.
КАКО БИЛО ВО ИЗМИНАТИТЕ 5 ГОДИНИ
Трошоците за заштита на животната средина лани не успеале да се вратат на нивото од 2018 година, покажува споредбата на податоците што ја направи Пари.
Податоците покажуваат дека во 2018 година имало значително поголеми трошоци и вложувања за заштита на животната средина. Тогаш се потрошени 182,6 милиони вера, или речиси 40 милиони евра повеќе отколку во 2023 година.
Во 2020-та година, со пандемијата се истиснала заштитата на животната средина, па биле вложени само 97,2 милиони евра, а оттогаш трошоците се во постојан пораст, делумно поради инфлацијата, а делумно поради поголемите инвестиции во животната средина.
ДАНОЦИ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА
Државниот завод за статистика ги прикажува и даноците за животната средина, но податоците доцнат. Така, неодамна ги објави податоците за 2022 година. Според овие податоци, во 2022 година во Македонија биле платени даноци за животната средина во износ од 215,7 милиони евра, што е за 7,1 % помалку отколку во 2021 година. Во 2022 година, најголемо учество во даноците за животната средина имаат даноците за енергенти, со 61,9 насто, по коишто следат даноците за транспорт, со 37,2 насто, и даноците за загадување, со 0,9 насто. Учеството на даноците за животна средина во бруто-домашниот производ во 2022 година е 1,8 насто.
Податоците за еколошките такси покажуваат осцилации низ годините, но се движат околу 200 милиони евра.
Од 1 јануари 2026 година извозните компании ги чека и данок на јаглерод диоксид. За оваа карбон-такса, големите компании, како што е Макстил, веќе прават симулација, што значи трошок. Во Европската унија сѐ уште се водат преговори дали оваа такса би ост анала во земјата, или би одела во земјата каде што се врши извозот.
Целата анализа на следниот линк: https://pari.com.mk/za-