Одбележана 21 година од смртта на претседателот Борис Трајковски

Facebook
Twitter
Email
Print

На денешен ден во 2004 година, во авионска несреќа близу Мостар, животот го загуби вториот претседател на Македонија, Борис Трајковски, заедно со членовите на неговиот кабинет, обезбедувањето и екипажот на авионот „Кингер“. По тој повод, денеска во алејата на великаните, на градските гробишта – Бутел во Скопје, венци и свежи цвеќиња на гробот на Трајковски, положија и се поклонија:  членовите на неговото потесно семејство, претседателката Гордана Силјановска- Дафкова и делегации од Собранието, владата, од опозицијата, од АРМ, дипломатскиот кор, од општините и граѓани од Струмица – родниот град на Трајковски.

Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.

Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Покрај Скопје, 21- годишнина од трагичната несреќа на Трајковски, во присуство на делегации беше одбележана и на неговите спомен – обележја во Струмица и Ротимље.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи