Крушево ја започна празничната бајка која што ќе трае од викендов па се до Бадник. „Празничниот шепот на крушевската чаршија“ во наредните 10-тина денови ќе понуди забава и празнична магија за сите посетители како никогаш досега. Крушевски специјалитети, греено вино, локум, целувки и други благи посластици, книги и ракотворби, се само дел од изложените производи на штандовите, а за присутните секој ден ќе има денска и ноќна забава.
„Главната идеја за овој настан е прво да се заживее чаршијата, а потоа да се збогати туристичката понуда и нешто што е доста важно за нас како дел од организацијата на овој настан тоа е моментот на заедништво е колективност Нешто што било во сржта на старите крушевчани и на наше големо задоволство како организација го поттикнавме кај нашите сограѓани во овој период“, истакна Маја Митева Петровска, Здружение „Крушевски манифест“.
Организатори се здружението „Крушевски манифест“ и Општина Крушево, поддржани од општествено одговорни компании.
„Со толку добра организација и со помош на Општината оваа година Крушево ќе блесне во целосен празничен сјај. Се вклучија сите туристички објекти во градот, ресторани и сето мислам дека ќе биде сето фул“, додаде Валентин Тасески, здружение „Културен манифест“.
„Ја оценувам оваа манифестација многу добра, очекувам да има гости од цела Македонија и се е прекрасно, има доста луѓе“, рече Михаил Чонески, дел од манифестацијата.
„Ова е нешто ново се надевам дека ќе прерасне во традиција. Се е убаво што и да се случува, Крушево е полно, има доста луѓе, ние сме туристички град и мило ми е што вака. Мислам дека ќе биде супер“, кажа Ивана Петроска, дел од манифестацијата.
„Ова за прв пат се случува во Крушево и како што гледате има доста народ, добро е како за почеток. Младите имаат доста добри изработки и сите со нешто учествуваме“, рече Рената Андрееска, дел од манифестацијата.
Крушевска чаршија ќе биде претворена во сцена на отворено, каде што ќе има спој на уметноста, културата и традиција.
„Зимската театарска школа предвидена за најмладите која што ќе се одвива од 22 до 26 декември во просториите на ООУ „Никола Карев“ Крушево. Потоа го имаме и Дедо Мраз како аниматор да ја надополни целокупната атмосфера во градот“, вели Захарија Ангелеска, директор на НУЦК „10 дена Крушевска република“.
Од Општината очекуваат голем број туристи за целиот овој период кој доаѓа.
„Околу дочекот на Новата година Крушево е преполно, се бара место плус, но во наредниот период ќе има доволно место за да се угостат сите оние вљубеници во природата, зимските рекреативни спортови, во убавата храна и еве оваа прилика ја искористувам за да ги поканам сите“, изјави Нико Чонески, градоначалник на Крушево.
Во Крушево во моментот недостасува уште само снегот со што бајката ќе биде комплетна. Но и без него со целата оваа понудена програма се задоволуваат сите вкусови.