УЈП тврди дека данокот за заработките од странство не е нов и дека мора да го наплатат

Facebook
Twitter
Email
Print

Управата за јавни приходи на брифинг со медиумите појасни дека оданочувањето на доходот остварен во странство не претставува нова обврска, туку примена на постоечки закон кој важи со години, во обид да се расчистат дилемите по реакциите во јавноста.

Според УЈП, системот во државата функционира врз принцип на самооданочување, што значи дека граѓаните сами ги пријавуваат приходите, додека институцијата обезбедува контрола, поддршка и наплата. Особено е нагласено дека обврската за пријавување важи и за доходи остварени во странство, особено кога нема домашен исплатувач.

Во практиката, пресврт се случува од 2024 година, кога започнала системска обработка на податоците од банките. За 2020 година биле испратени 11.527 известувања, по што 2.276 лица доброволно пријавиле доход, а за 3.637 лица УЈП утврдила обврска по службена должност. Вкупно утврдениот данок изнесува 171,6 милиони денари, од кои досега се наплатени 30,4 милиони.

За 2025 година, податоците покажуваат дека 70.869 граѓани имале приливи од странство во вкупен износ од 577 милиони евра, но УЈП нагласува дека не сите се оданочиви. Досега се испратени 9.522 известувања, а 4.459 лица доброволно поднеле пријави.

Од институцијата потенцираат дека пристапот не е репресивен – не се започнало со казни ниту присилна наплата, туку со известувања, средби и поддршка за доброволно усогласување.

Во однос на дилемите за двојно оданочување, УЈП тврди дека тоа не постои доколку граѓаните достават доказ дека данокот е платен во странство и ја следат пропишаната процедура.

Посебно внимание е посветено на специфични категории, како граѓани ангажирани во мисии во Авганистан и Ирак и студенти кои работеле во странство. За дел од нив се вршат дополнителни проверки преку странски институции, додека за студентите се организирани средби и се разгледува можност за плаќање на рати.

Од УЈП заклучуваат дека целта не е казнување, туку правичен систем и еднаков третман за сите, со најави дека контролите и анализите ќе продолжат.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира