Од јуни на релација Битола и Прилеп ќе вози меѓуградски воз, што би собраќал до индустриската зона „Жабени“. Целта е да се овозможи полесно сообраќајно поврзување на двата пелагониски градови чија комуникација е отежната поради изградбата на автопатот Прилеп-Битола.
Во моментов, додека трае изградбата на автопатот, се користи стариот пат Прилеп – Битола, којшто е со помал капацитет. Поради ова движењето трае подолго.
Со оглед на ваквите околности меѓуградскиот воз се планира да се пушти на релација Прилеп-Битола-Жабени, од јуни, а билетот би чинел 150 денари, најави министерот за транспорт и врски Александар Николоски.
„Некаде во јуни најдоцна, да пуштиме меѓуградски воз, којшто би оперирал, на линија Прилеп-Битола-Жабени и на тој начин да можат оние коишто имаат дневна потреба помеѓу овие два града, а и оние коишто работат во индустриската зона „Жабени“, да го користат возот, што би значело на време да се стига, брзо да се стига и да одиме со една промотивна цена од 150 денари за повратна карта, што е убедливо најевтино што може да се најде на пазарот.“, рече Николоски.
Николоски за овој план разговарал со директорите на железничките претрпијатија и очекува веќе од јуни возот да биде оперативен.
Новата железничка линија има за цел да ја олесни комуникацијата меѓу двата соседни града, особено во услови на отежнат патен сообраќај.