Во неделата, во Штип женската пингпонгарска екипа на Младост 96 Прилеп одигра крајно изедначен и неизвесен натпревар кој одлучуваше за шампионската титула, но загуби од екипата на Шампиони ФА со резултат 4-3.
Идентичен беше и натпреварот од есенскиот дел од сезоната, кога Младост 96 извојува победа со ист резултат – 4-3, што доволно говори за изедначеноста меѓу двете екипи.
Бидејќи и двата тима ја завршија сезоната со по еден пораз, за освојување на титулата пресуди сет-количникот, каде што, за жал, прилепската екипа имаше два освоени сета помалку.
Останува впечаток дека е пропуштена голема шанса, со оглед на тоа што тие два сета беа достижни. Особено се издвојува настапот на Ива Димитриевска, која при водство од 2-0 во сетови, во третиот сет имаше предност од 6-2 и 9-6, но не успеа да ги приведе работите до крај. Таа сепак славеше со 3-2, но тоа не беше доволно за освојување на шампионската титула.
Дополнително, треба да се напомене дека во овој одлучувачки натпревар во составот на Младост 96 не настапи грчката репрезентативка Стела Цариду, поради повреда на раката.
Сепак, големи честитки за Ива Димитриевска, Софија Хасану и Фани Јованоска за освоеното второ место и титулата вицешампион на Македонија.