Службениците од Шумската полиција – Прилеп реализираа повеќе интервенции на различни локации, при што покрај одземања на нелегални дрва и средства, беше регистриран и напад врз шумски полицајци при вршење службени дејствија.
Во атарот на с. Стровија, затекнати се лица од с. Црнилиште со трактор и приколка како превезуваат околу 2 м³ дабови огревни дрва, нежигосани и без соодветна испратница.
„По извесно време, на местото се собрале околу 20 лица кои се обиделе да го спречат службеното постапување и физички ги нападнале шумските полицајци со цел да не дозволат одземање на тракторот и приколката со дрвата. Во настанатата ситуација делумно успеале во намерата и со тракторот избегале од лице место, додека приколката натоварена со околу 2 м³ дрва е одземена и предадена во ПШС „Црн Бор“ – Прилеп“. Против инволвираните лица ќе бидат поднесени кривични пријави“, велат од Шумската полиција од Прилеп.


Потоа, околу 16:30 часот, кај вештачкото езеро во Прилеп, од едно лице е одземено запрежно возило натоварено со околу 0,70 м³ дабови огревни дрва.
Во 19:00 часот, во атарот на с. Крстец, одземен е еден шпедитер натоварен со околу 1 м³ дабови огревни дрва. Претходно, на 27.04.2026 година, на место викано „Кукул“, затекнати се лица до добиток, при што од нив се одземени 5 самари и околу 1 м³ дабови огревни дрва.



„Против сите инволвирани лица се поднесени соодветни пријави согласно закон, а сите одземени средства и дрва се предадени во ПШС „Црн Бор“ – Прилеп. Апел од Шумската полиција – Прилеп: Ги повикуваме граѓаните да пријавуваат бесправна сеча, транспорт и складирање на огревни дрва. Воедно апелираме да не се купуваат огревни дрва без соодветна испратница и без жиг, бидејќи секое нежигосано дрво се смета за нелегално и подлежи на одземање, а следуваат и соодветни законски санкции. Контролите на терен ќе продолжат со засилено темпо со цел заштита на шумскиот фонд“, додаваат од Шумската полиција од Прилеп.
