ВИДЕО- Отпадот како сериозен предизвик: Регионалните центри како решение


Управувањето со отпадот станува сè поголем и посериозен проблем за општините во Македонија. За жал, ниту една депонија кај нас, освен во одредени места како Дрисла во Скопје и депонијата во Гевгелија, не исполнува ниту еден потребен стандард. Загадување, непријатна миризба, депонии кои постојано горат, ова е сликата на многу места во Македонија.

Единствениот излез од ваквата ситуација се гледа во отворањето на регионалните центри за управување со отпад, идеја што потекнува уште од 2010 година, но досега не е реализирана. Во минатото беа планирани осум вакви регионални центри низ државата, односно по еден во секој плански регион, но денес, поради недоволни количини отпад и економската исплатливост, таа бројка е намалена на пет: Новаци за Пелагонискиот регион, Русино за Полошкиот регион, Дрисла за Скопскиот регион, Добрешинци за Југоисточниот и Вардарскиот регион и Свети Николе за Источниот и Североисточниот регион. За оваа цел Македонија се задолжи со кредит од 55 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Токму регионалните центри беа една од темите и на панел-дискусијата „За почиста Преспа: заеднички чекори за подобро управување со отпад“, во Ресен, организирана од Институтот за комуникациски студии во соработка со Еко Герила Преспа и Македонското еколошко друштво, како дел од кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста животна средина“, поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.

„Идејата е да се намалат трошоците. Колку и да ни се чини дека одредени растојанија се големи, има и многу други фактори што влијаат на тоа каде точно ќе се постават претоварните станици. Одредени општини ќе можат отпадот да го носат директно во депонијата во Новаци, а други до претоварна станица, каде што ќе има регионално комунално претпријатие кое ќе стопанисува со центарот во Новаци и со претоварните станици, но и ќе го врши транспортот и ќе управува со самата депонија. Општините и нивните комунални претпријатија ќе продолжат да управуваат со отпадот на локално ниво, да го собираат и наместо на депонија да го носат до претоварната станица“, рече Емил Ангелов од Салар Интернационал.

Регионалниот центар во Новаци ќе опфати 18 општини, почнувајќи од Центар Жупа, па сè до Струга, Охрид, Кичево и сите оние општини кои гравитираат кон Пелагонискиот плански регион.

„За депонијата е планирано тендерот за изведувач да се објави до крајот на годината, а за околу две години таа би требало да биде изградена и оперативна. Она што останува како сериозен проблем понатаму е затворањето на постојните општински депонии. Станува збор за 16 депонии во овие два региона, а според проценката што ја направивме пред три години, за нивно затворање би биле потребни околу 30 милиони евра. Тоа е преголема сума што ниту една општина не може сама да ја обезбеди, па веројатно државата повторно ќе треба да интервенира преку проект“, додаде Ангелов.

За решавање на проблемот со отпадот, Ресен веќе започна со одредена селекција на стакло, текстил и електронски отпад, а до септември годинава треба да бидат поделени 2.000 жолти канти за селекција на хартија и пластика кај домаќинствата. До 2028 година, Ресен треба да добие и компостара и дробилка за рециклирање на градежен шут, со што, заедно со Прилеп, треба да биде еден од двата града во Македонија што ќе го предводат овој процес.

„Наследивме девет населени места од кои не се подигаше отпад. Во 2023 и 2024 година тој број го намаливме од девет на шест, а во 2025 година, со добивањето на двете возила за собирање отпад преку програмата „ЕУ за Преспа“, го намаливме уште за три. Во 2026 година целта ни е да ги опфатиме сите населени места, без разлика на бројот на жители, и отпадот да се подигнува и од таму каде што се создава најмалку ѓубре, имајќи предвид дека претходно не сме постапувале во тие места“, истакна Марчел Русу, директор на ЈКП Пролетер Ресен.

 

„Ќе се осврнам на неколку предизвици, а тоа е зајакнувањето на меѓусекторската соработка. Таа навистина ни е потребна, затоа што локалната самоуправа, без соработка на сите нивоа, хоризонтално и вертикално, не може сама целосно да го реализира овој концепт. Неопходни се и експертска и финансиска поддршка за спроведување на законодавството од оваа област“, потенцираше Ајман Ал Малла, раководител на секторот за животна средина при Општина Ресен.

Како дел од заштитата на животната средина, во моментов во Преспа се градат и пет канализациски системи со мали пречистителни станици во Претор, Стење, Долно Дупени, Крани и Брајчино, кои треба да бидат готови до септември годинава.

„Најдиректен бенефит ќе имаат Преспанското Езеро и целиот кревок биодиверзитет околу него. Исто така, директен бенефит ќе имаат и околу 1.500 луѓе, кои ќе се приклучат на канализациски систем што ќе ги третира фекалните води, бидејќи на крај, без разлика дали преку река, директно или индиректно, сите тие гравитираат кон Преспанското Езеро“, вели Зоран Трајчевски од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Но, покрај инфраструктурните решенија, клучно е да се подигне и свеста кај граѓаните за селекција на отпадот.

„Се надевам дека свеста кај населението ќе се подигне на повисоко ниво, бидејќи тоа самите за себе треба да го направиме. Сега кога веќе сме познат и респектабилен регион, жалосно е меѓу два национални парка, прекрасно езеро, воздушна бања и слично, ние самите да го уништуваме“, истакна Јован Тозиевски, градоначалник на Ресен.

Инаку, за жал, во Македонија сè уште 99 % од отпадот завршува неселектиран на депонии, а дополнителни 20 до 30 % се исфрлаат на разни ѓубришта, односно на диви депонии кои ги има на секој чекор.

Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Инфо компас во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира