Во општина Кичево во организација на Рурална Коалиција беа одржани две работилници за рурален развој и туризам каде што на едно место беа собрани локалните чинители од Кичевскиот регион и реонот на Илинска планина за да се отпочне процесот на планирање и креирање на локалната програма за рурален развој и туризам.

Работилниците наидоа на огромна посетеност од страна на локалното население, институциите и граѓанските организации, па имавме навистина плодна и сеопфатна дискусија што се треба да содржи програмата за рурален развој и туризам која што за прв пат како ваков документ се креира во Општина Кичево.
На првата работилница дискутиравме за силните и слаби страни на локалниот туризам и рурален развој, но ги утврдивме можностите и заканите за да може да поставиме реална основа на она што заеднички ќе го испланираме, а понатаму и заеднички ќе го реализираме. На втората работилница беа поставени стратешките цели, а се дефинираа и очекуваните резултати и активности за развој на туризмот во руралните средини и подобрување на квалитетот на живот.
Работилницата ја спроведовме со експертската поддршка на Правен факултет – Кичево, Универзитет “Св. Климент Охридски” – Битола кои што се наши надворешни соработници
Овие работилници се дел од активностите предвидени во проектот “Патот до селото: Создавање на одржлив рурален развој во срцето на природата“ кој што Рурална Коалиција го спроведува како подгрант финансиран во рамките на проектот „Одржливо користење на природните ресурси во Кораб Коритник, Шара и Албанските Алпи“, а се имплементира од страна на канцелариите на ЦНВП Северна Македонија и Албанија и е финансиски поддржан од ПОНТ.