Во Прилеп на платото под Градскиот саат по 8-ми пат се одржа перформансот „Љубење со стихови“. Во организација на поетите Филип Димкоски и Лина Димоска. Публиката имаше можност да ги слушне стиховите на Кочо Рацин, Блаже Конески, Светлана Христова Јоциќ, Анте Поповски, Славко Јаневски, Евгенија Шуплинова, Даница Ручигај, Јован Котески, Петре М. Андреевски, Трајан Петровски, Тихомир Јанчовски и Вања Изова Велева, но авторската поезија на Димкоски и Димоска. За прв пат „Љубење со стихови“ е одржана во 2023 година, а целта била промоција на поезијата како уметност.
„На уметничката сцена поезијата е многу малку застапена, можеме да речеме и во минатото, но и денес. Ретко кој го негува тој поетски перформанс, односно начин на јавно претставување на поезијата. Тоа ни беше основна цел, буквално почнавме за своја душа и тоа останува пред се главна иницијална каписла, значи пред се нам да ни се допадне, ние да уживаме, а гледаме дека низ сите овие 8 изданија ужива и публиката“, изјави Филип Димкоски, поет.
За прв пат манифестацијата се одржува на отворени и пред толку многу публика. Претходните 7 изданија се одржуваа во кафулиња и на затворен простор. Големата посетеност на настанот докажува дека прилепчани се жедни да слушнат добар поетски збор.
„Бројот на публиката постојано се зголемува, започнувајќи од 2023-та што значи два пати годишно го организираме овој настан. Искрено ние правевме во мал простор затоа што секогаш размислувавме дека нема да има публика или таа ќе биде малубројна. Но публиката низ сите овие изданија ни покажа дека секогаш просторот беше тесен, овој пат за да немаме такви проблеми настанот е на отворено па се надевам дека има доволно место за сите“, изјави Филип Димкоски, поет.
„Не се надевавме дека ќе прерасне во општинска манифестација. На „Љубење со стихови“ најчесто гледаме да презентираме македонски автори, повоени поети, современици, овој пат ќе претставиме и наша лична поезија, но покрај таа поезија застапени се и многу други поети.
За каков вид ан поезија станува збор.
Имаме повеќе видови на поезија, првиот блок е љубовна поезија, каде што јас и филип низ динамични стихови се трудевме да се надополнуваме еден со друг и така и ги избиравме песните. После тоа имаме малку повоена поезија, Кочо Рацин, песни посветени на поетот, па дури на смртта на Кочо Рацин, а потоа продолжуваме со родољубива поезија, каде имаме и родољубива поезија за Прилеп.
Значи секое издание практично има различна тематика?
Гледаме секое издание да има различна тематика, имавме и француска вечер претходно, сме имале и вечер само со прилепски автори, се трудиме секогаш да ги промовираме нашите поети, особено современиците“, додаде Димоска, поетеса.
Лина и Филип велат дека секој нов настан за нив е предизвик, се случува спонтано, но истиот претставува и голема одговорност. Следното издание на „Љубење со стихови“ го најавија за идната година.