–
Според информациите, на терен се распоредени припадници на специјалните единици и униформираната полиција, а акцијата ја спроведува Министерството за внатрешни работи преку Бирото за јавна безбедност. Истата е дел од поширока истрага насочена кон сомнителна организирана криминална структура.
„Одделот за организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, спроведува акција во повеќе градови во државата за сторени кривични дела од областа на неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги. По завршување на акцијата, Министерството за внатрешни работи ќе ја информира јавноста за преземените мерки и активности“, соопштија од МВР.
Под лупа, наводно, се и лица од полициските структури за кои постојат сомневања за можна поврзаност со лица или активности што се предмет на истрагата.
Засиленото полициско присуство беше забележливо на повеќе локации во Прилеп и во поширокото подрачје.