Директорот на НУ „Историски музеј“ – Крушево, Миха Оџаклиески, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата, наведувајќи дека одлуката е личен, морален и етички чин и израз на одговорност кон институцијата и кон јавноста.
„Иако немало намера за прекршување на закон, правилник или одлука, направен е ненамерен пропуст во проценката на начинот на кој одредена постапка може да биде разбрана од јавноста. За тоа чувствувам морална одговорност и затоа ја поднесувам оставката. Националната установа е институција од особено значење за нашата културна и историска меморија. Нејзиниот углед и довербата на јавноста се поголеми од секоја функција и од секој поединец што во определен период ја извршува таа функција“, наведува Оџаклиески.
Оставката на Оџаклиески следува по реакциите во јавоста во врска со снимањето на спотот „Секси мама“ од страна на косовскиот рапер Дон Џони во внатрешноста на споменикот „Македониум“ во Крушево, кој е заштитено културно наследство на државата.
За случајот денеска се огласи и премиерот Христијан Мицкоски, кој најави дека уште денеска ќе побара разрешување на директорот на Историскиот музеј во Крушево и на членовите на Управниот одбор на оваа институција, кои дозволиле да се изнајми историскиот споменик „Македониум“ за снимање музички спот.