ВИДЕО : Вработените во „Еурокомпозит“ најавуваат штрајк и блокирање на патишта

Вработените во државната фирма „Еурокомпозит“ од Прилеп денеска најавија дека стапуваат во штрајк поради неисполнетите ветувања на раководството. Претседателот на синдикалната организација на оваа фирма, Роберт Богданоски, изјави дека и премиерот Зоран Заев уште лани во октомври им ветувал решение на нивниот проблем, но досега не биле превземено ништо. Вработените најавија дека од утре ќе започнат со протести по улици или пак дека можеби ќе протестираат и пред Владата во Скопје.

 

 

„Ние се собравме денеска да искажеме револт спрема директорите и раководството за нивното неисполнување на неколку точки. Прва точка која што не беше испочитувана беше ветената плата за 2018 година, нас ни исплатија само по 5.000 денари линеарно. Немање на договори, непочитување на Синдикатот, од доаѓањето на директорот до денес нема потпишано никакви договори и ништо конкретно не се случува во фирмава. Имавме состанок и со премиерот Зоран Заев на 24.10.2017 година, на кој ни беше ветено дека ќе се најде ррешение за оваа фирма, но еве досега се нема најдено ништо. Со последниот состанок кој го овозможи со премиерот не решија ништо конкретно. И поради тоа ние сме приморани во наредните денови нашиот револт да го искажеме со штрајкови, блокирање на патишта и други поригорознии мерки. Повеќе од 10 дена немаме вода во фирмава. Нема суровини, а и тие суривини кои се набавени се без никаква документација и декларација“, изјави Роберт Богданоски, претседател на синдикалната организација.

 

Во „Еурокомпозит“ моментално имало 260 вработени, дел од погоните имале работа дел немале, но и таму каде имало работа немало услови за тоа. Од 6 месец 2012 година до денес немаат исплатено придонеси и немаат земено околу 14 плати. Велат дека премиерот Заев им ветил дека до Нова Година ќе се реши овој проблем, но тоа не се случило.

 

„Овој проблем требаше до Нова Година да се реши, но засега нема ништо од тоа. Во моментов имаме две барања, едното е да се реши проблемот со придонесите и да започнеме со бруто плата како сите останати вработени во Македонија. А доколку не се случи тоа приморани сме на штрајк. Ова денес значи дека го започнуваме штрајкот и од утре ќе започнеме со протест дали по улици, дали ќе се оди во Скопје пред Влада ќе видиме“, додава Богданоски.

 

Вработените клучот за нивното решение го гледаат единствено во премиерот Заев.

 

„Доколку бараме санитарна и трудова инспекција оваа фабрика треба да се затвори. Санитарните јазли се испод нула, немаме ниту хигиеничарки, да не зборуваме за ХТЗ опрема, немаме вода за пиење и овој протест мораме да го карактеризираме како застој бидејќи многу пати сме правеле штрајкови, а после тоа негативно ни се одразувало сето тоа. За тие 5 дена што ни следуваат од сииндикатот како за штрајк ни пишуваат нули, тоа го нема никаде. Еден апел до премиерот, а сакам да го повикам и г-динот Кочо Анѓушев кој на 2-3 средби ни вети дека ќе се реши брзо проблемот, но еве досега не сме мрднати ниту еден милиметар. Значи апел до Зоран Заев да не не малтретира сега на 60 години да одиме по улици и да правиме протест, јасно ни е дека клучот е кај него, дека без негова согласност ништо не може да се реши“, вели Цветан Бунтески, член на синдикалниот одбор.

 

 

Од СИАР велат дека за жал како да станало пракса на неколку месеци да се собираат овде, пред капијата на „Еурокомпозит“, но не за да кажат добри работи, туку лоши. Лазар Ангелески, претставник на гранковиот синдикат СИАР рече дека иако поминале 6 месеци од доаѓањето на новото раководство, до ден денес воопшто не биле подобрена состојбата, ниту во однос на безбедноста при работа, ниту во однос на услови при работа, ниту во однос на плаќање на плати.

 

„Последно можам да кажам, бидејќи беше договорено, односно се очекуваше плата за месец јануари истата не беше исплатена. Таа не е за месец јануари, туку една заостаната плата и се исплатени по 5.000 денари во просек. Со тоа испративме писмен допис до раководството дека бараме преговори со менаџерскиот тим и со управниот одбор со цел да изнајдиме решение за проблемите. На тој состанок не добивме никакво ветување дека има подобрување, односно не беше кажано  ни дека има работа, ни дека ќе има плата. После тоа беше договорено да се одржи уште еден состанок со претставници на управниот одбор, односно со претставниците на одборот на директори и директорот, како и претставници на гранковиот синдикат. До таа средба не дојде и не е дојдено сè уште, иако таа требаше да се одржи вчера. По тоа што договаравме и сега останува на вработените што ќе одлучат понатаму, бидејќи очигледно е дека работите не се решаваат, нема ни на повидок некакво решение на проблемот. Нема решение ни за технолошкиот вишок, иако очекувавме до пред Нова Година да има програма за технолошкиот вишок, односно за прекубројните работници да бидат испратени со одредена опремнина и соодветно законот кој што ги згрижува стечајните работници на самите фирми. Тоа досега се нема случено и нема ни на повидок кога ќе се реши. Со оглед на тоа што има работа само за 50-тина души, кои не можат да произведуваат и да обезбедат плата за останатите 250, работниците се приморани на некои порадикални чекори. Од нив зависи како тоа ќе биди понатаму“, рече  Лазар Ангелески, претставник на гранковиот синдикат СИАР.

 

 

Ангелески истакна дека очекуваат да има некаква реакција на претставниците на владата, бидејќи државата, односно владата е сопственик на оваа фирма.

 

„Владата е татко и мајка на оваа фирма и треба да се грижи за нејзината положба и положбата на вработените и сметам дека воопшто не претставува никаков проблем да досега се решеше оваа фирма. Од кои причини тоа се прави, дали од немање на време, дали е малку време… доколку е малку време за сите, ние сме спремни да преговараме за некој рок до кој тоа ќе се случи, без да има вакви застои кои што им сметаат на работниците. Инаку сметам дека ова доаѓа како провокација, да вработените постојано да стануваат на протест, па на тоа добиваат нули, бидејќи се во штрајк, да не земаат плата и крајно да се испровоцираат да превземат и некои други радикални мерки, како покренување на стечајна постапка, што не одговара за самите ја покренат. Ако раководството смета дека оваа фирма нема услови да работи, тоа треба  да најди како да дојди до излез од оваа криза“, доаде Ангелески.

 

Директорот Александар Кузески истакна дека Владата работела на изнаоѓање на решение за „Еурокомпозит“, а повеќе детали истакна дека ќе изнесол деновиве.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи