САД се повлекоа од Советот на ОН за човекови права

Facebook
Twitter
Email
Print

Американската амбасадорка при ОН, Ники Хејли, соопшти дека САД се повлекуваат од Советот на обединети нации за човекови права додавајќи дека таа организација “не е достојна за своето име”.

 

Објавувајќи го повлекувањето во Стејт департментот заедно со државниот секретар Мајк Помпео, Хели рече дека Вашингтон се одлучил на тој чекор бидејќи другите земји немале храброст да се приклучат на американската борба за реформирање на “лицемерното тело кое служи само на себе.”

 

“Правејќи го овој чекор, сакам да биде кристално јасно дека тоа не значи повлекување од нашето ангажирање во врска со човековите права”, додаде Хејли.

 

„Советот за човекови права се претвори во сцена на бесрамно лицемерие со игнорирање на многу од најлошите злоупотреби на човековите права во светот. И некои од најсериозните светски прекршители се членки на самиот совет“, вели Помпео.

 

Вашингтон му замерува на советот за членството на земји како Кина, Куба и Венецуела, каде јасно е документирана злоупотребата на човековите права, а го оспорува и системот на изборите и гласањето за новите членки.

 

„Кога т.н Совет за човекови права не може да се натера себе си да се посвети на масовните злоупотреби во Венецуела и Иран, и ја прима Демократската Република Конго како нова членка, Советот престанува да биде достоен за своето име. Таков совет, всушност им штети на човековите права. И тука секако е хроничната пристрасност против Израел“, тврди Хејли.

 

Американската амбасадорка подсети дека пред година дена јасно ставила до знаење дека САД ќе останат во Советот на ОН само доколку се спроведат суштински реформи.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи