Претседателот на Украина, Петро Порошенко, воведе воена состојба во државата и побара Русија итно да ги ослободи украинските бродови запленети во Црното Море, обвинувајќи ја за воена агресија.
Таквиот чекор следуваше по ескалацијата на тензиите, кога руската армија отвори оган и заплени три украински брода кои влегоа во руски територијални води, при што 6 украински морнари беа повредени.
Со неговиот потпис на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана мерката ќе биде во сила следните 60 дена, односно до 26 јануари 2019 година.
Прогласувањето воена состојба може да доведе до масовна и задолжителна воена служба, рестрикции во медиумите и јавни демонстрации и суспендирање на евентуални избори во земјата.
Советот за безбедност на Обединетите нации свика вонреден состанок за да се разгледа ситуацијата, со цел да се спречи ескалација на тензиите.
Во меѓувреме, и НАТО закажа вонреден состанок поради инцидентот.