Обвинителите биле прислушувани од 2016 досега

Facebook
Twitter
Email
Print

Две години обвинителите сместени во објектот покрај кејот на Вардар, биле прислушувани, односно разговорите кои ги вршеле на фиксните телефони биле снимени на два хард диска.

 

Во барокниот објект се сместени Републичкото јавно обвинителство, Основното јавно обвинителство и Вишото јавно обвинителство, што значи дека се слушале разговорите на обвинителите кои работат во овие обвинителства, на број околу 70.

Оваа шокантна информација на денешниот брифинг со новинарите ја сподели републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој истакна дека отвориле предистражна постапка.

 

„Снимени се сите телефонски разговори кои се одвивале во фиксната мрежа. Првиот разговор е од 30 септември 2016 година, а последниот снимен разговор е сега“, рече Јовески.

 

Обвинителот појасни дека ќе се истражува дали снимените разговори биле изнесувани надвор од обвинителството, односно дали информациите кои произлегувале од разговорите на обвинителите биле користени за некакви цели.

 

Централата за фиксна телефонија била инсталирана во 2013 година кога беше и вселена зградата, па затоа ќе се истражува дали опремата била набавена со опција за снимање, и кој тоа го барал, или тоа дополнително било инсталирано. Она што е сигурно е дека прислушувањето не е вршено од надвор, туку се вршело внатре во објектот.

 

Обвинителите ги користат фиксните телефони за споделување на службени информации, помеѓу вработени внатре, но и со други институции. Односно, преку телефон повикуваат и сведоци на распит, па доколку некој ја пресретнувал оваа информација, постои опасност и дека можеби се влијаело на сведоци.

 

Исто така дополнително ќе се проверува дали била прислушувана и фиксната комуникација на обвинителите од Организиран криминал, кои се сместени во друга зграда.

 

Обвинителот Јовески не откри поради што се посомневале дека разговорите на обвинителите биле прислушувани, истакнувајќи дека на тој начин би можел да и наштети на предистрагата. Исто така дополнително ќе се истражува и дали разговорите на обвинителите биле снимени и пред септември 2016 година, бидејќи имало хард дискови кои автоматски, по одреден период ги бришат зачуваните податоци, и снимаат нови.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи