Земјоделската механизација, особено тракторите се едни од средствата кои им ја даваат најголемата помош на земјоделците и помагаат за развој на земјоделството. Според некои информации првиот трактор во Македонија бил донесен во 1924 година, во Прилеп, од страна на фамилијата Бомболовци. И изгледал токму како на оваа слика, наместо гуми имал големи метални тркала. Денес во Македонија според статистиките има 75.000 трактори, од нив околу 22.300 се мотокултиватори.
Но освен како помош оваа земјоделска механизација е причина за голем број несреќи и повреди кај земјоделците, кои често пати завршуваат и со смртни случаи. Најчеста причина за тоа се староста на возилата и нестручното управување од страна на земјоделците.
Го посетивме битолското село Живојно каде се имаат случено неколку вакви несреќи со човечки жртви.
Минатата година Зоран Петкоски го изгубил својот татко токму во ваква несреќа. Вели дека причини за овие несреќи се невниманието на земјоделците и лошите полски патишта во атарот на нивното село.
„Еве татко ми е еден пример за тоа, лани почина од повреда со трактор, се преврти со тракторот. До таа несреќа дојде поради невнимание, а и теренот е таков тука. Многу значи после секој пороен дожд патиштата да се одржуваат, да поминува механизација. Кога се брза за сеење, секој брза и од брзање тогаш грешки настануваат. Во Живојно најчесто се патиштата или пристапот до нивите, бидејќи нема редовно одржување. Нема чистење на патишта после дождовите, одводнување нема вистинско и се прават големи канали, тешко е за врвење и доаѓа до некои несакани последици“, вели Зоран Петкоски, земјоделец.
За да се намали бројот на несреќи жителите на Живојно бараат државата почесто да врши нивна санација и рехабилитација. Токму ова патче е местото каде пред неколку години загинал еден жител на Живојно.
„Треба често да идат машини, да се прават патиштата. Инаку се кинат ланци, има многу длапки. Денес да се направи патот, по два дена еден силен дожд повторно ќе до откорни патот и пак тие длапки се добиваат. Никој немаме нива без меѓа, сите ниви се со меѓи. Кај нас 5 луѓе имаат загинато од патиштата што се незгодни, од тие меѓи, од неисправни машини“, рече Крсте Петроски, земјоделец.
Марјан Атанасовски, претседател на здружението „Спас“ вели дека требало да се воведат повеќе едукативни средби и трибини за земјоделците околу тоа како најдобро да се користи земјоделската механизација.
„Секој човек што работи земјоделие јо презема работата и знаењето од дедо или татко. Никој го нема преземено тоа стручно како што треба, по теорија. Треба невладини организации да се смешаат во тоа, треба општините, треба едукација со трибини“, истакна Марјан Атанасовски, претседател на здружението „Спас“ за Пелагонија.
Атанасовски како една од причините за несреќите при ракувањето со земјоделската механизација ја посочува и нејзината старост.
„И со механизација исто како тракторите, и механизацијате е влезена во ИПАРД програмата, при што голем број на луѓе имаат земено нова механизација. Таа нова механизација досега се покажа како добра, но малиот пак е мал, тоа е голем проблем кај нас. Не може секој да набави нова механизација и баш кај тие луѓе, кај тие со застарена механизација, со застарен возен парк, баш кај тие луѓе има големи проблеми“, додаде Атанасовски.
Николче Бошкоски кој е претседател на здружението „Спас“ на ниво на Македонија потенцира дека најголемиот дел од несреќите се случуваат поради грешки кои ги прават самите земјоделци за да побрзо ја завршат работата. Оваа слика е еден од примерите за тоа.
„Самиот земјоделец треба да си го испита самото возило. Значи кога зборуваме за возилото, дали било трактор, дали било комбајн, дали било самооден силажер или било што, што спаѓа во таа гранка, најосновното е да биде осветлен и да има кочници. Ние гледаме ако може да поминеш тука, на пример надолна површина, и сега ние викаме овде ќе го скратиме патот. Тука се прават многу грешки, дали ќе се преврти приколица, порано приколиците беа на кука, а сега се на запрега. Ако се преврти сега приколица на кука, тракторот ќе остане. Но ако се преврти приколица со запрега и тракторот се превртува. Значи тука има ризик, како претоварање на приколици, без разлика дали било 2 или 3 тона, ние ги товараме дури може. Тоа самите земјоделци, затоа викаме грешките се прво наши“, изјави Николче Бошкоски кој е претседател на здружението „Спас“ на ниво на Македонија.
Освен трактористите и возачите на комбајни се изложени на бројни опасности, особено кога се приклучуваат на регионалните и локални патишта поради својата габаритност и големина претставуваат проблем во сообраќајот. Дел од нив веќе започнале и со користење на современи уреди за да ја зголемат безбедноста во работата.
„Со оглед на тоа дека голем дел од механизацијата е застарена, често се случува да не е добро осветлена. Недоброто осветлување движејќи се по патиштата, на трактори или други машини што се користат во земјоделието, често предизвикуваат такви несреќи, несакани последици. Зборувањето на мобилен телефон, како што гледате јас имам блутут слушалка, иако возам во моментов комбајн, тоа е еден од приоритетите пред да се качам на комбајнот, затоа што зборувањето на мобилен телефон го одзема вниманието и доколку сакаме да бидеме професионалци, мора професионално да си ја завршиме својата работа“, кажа Гоце Бумбароски, земјоделец.
Од Општина Новаци каде има околу 17.000 хектари обработливо земјиште велат дека секоја година ја подобруваат полската инфраструктура, која што е еден од главните ризик фактори кои што ги предизвикаат несреќите.
„Бидејќи сме општина од 752 километри квадратни и околу 90 километри полски патишта и некатегоризирани, правиме напори да ја подобриме патната инфраструктура, токму на деловите каде се движат земјоделците. Секоја година од буџетот се одвојуваат околу 4-5 милиони за изградба и санација на полските патишта, што во последните години вродува со плод“, потенцираше Стевче Ангелевски, секретар на општина Новаци.
Професорот Драги Таневски на земјоделскиот факултет од Скопје вели дека за изминативе 25 години направил комплетна анализа на сите параметри кои се причините за случувањето на овие несреќи со земјоделските машини во Македонија. Прва секако била староста на машините.
„Значи до 10 годишна старост во Република Македонија имаме 16.74%. Од 11 до 20 години е најзастапена категорија од 68.5% и над 20 години се застапени со 14.74%. Значи некаде 16% имаме да ги речеме добри трактори, со кои со сигурност можеме да работиме на нашите површини, а околу 85% се дел од причините поради кои што настануваат несреќите, значи доста се амортизирани овие трактори и затоа настануваат одредени несреќи“, вели професорот Драги Таневски.
Најголем дел тракторски несреќи имало во јужниот дел на Македонија, потоа следи Скопскиот регион, трета е Пелагонија, и на четврто место се источниот и западниот дел на државава каде процентот на тракторски несреќи бил помал. 95% од несреќите кои се случуваат со тракторите според Таневски биле поради нивно превртување. Таневски предлага воведување на повеќе мерки за да се намали бројот на несреќи при користењето на земјоделската механизација, особено кај тракторите. Според него обуката со оваа механизација е најбитна. А исто така секој трактор требало да поседува светлечки триаголник поставен на задната страна на тракторот за да биде што е можно позабележителен за другите возила и ротационо светло поставено на највисоката точка од возилото.
„Една од тие опреми е секој трактор, покрај самата обука мора да има заштитна рамка или кабина. Значи не е секој способен да купи трактор со кабина, така да мора да има заштитна рамка, што е настрешница на тракторот со два дела споени за самата каросерија и се нарекува летна кабина. Ако има вградено кабина мора да има сигурносни појаси на седиштето и мора само тогаш да го врзува појасот, значи само ако има кабина. Ако нема кабина возачот не смее да го врзува појасот затоа што тогаш доаѓа до поголема опасност, наместо да скокне од тракторот, тој останува на тракторот кога ќе се преври. Ако има кабина доаѓа до еден затворен кафез, дел кој 95 до 98% е сигурен кога ќе се преврти самиот трактор“, додаде Таневски.
Таневски предлага исто така задолжителна обука за сите земјоделци за управување со механизација која би ја вршеле стручни лица од факултетот за земјоделство и стручни лица од 10-те земјоделски училишта кои се наоѓаат низ Македонија.
И од Локалната акциона група ЛАГ Агро Лидер истакнуваат дека опремата е многу важен фактор за безбедноста на земјоделците. Токму поради тоа нивниот последен проект кој го спроведуваат со УСАИД е насочен токму кон набавка на нова современа земјоделска механизација која ќе ги исполнува највисоките безбедносни стандарди.
„Се повеќе имаме несреќи, некои со посериозни телесни повреди, некои со смртни последици, а сето тоа од несоодветна опрема, несоодветно одржување на самата земјоделска механизација, а воедно и необрнување на внимание на лицето кое работи со опремата на безбедносните мерки што треба да ги преземе кога почнува да ракува со таа опрема. Опремата мора да се одржува, да се сервисира и да се води евиденција за тоа, со цел доколку дојде до друг оператор, пред употребата да може да провери колку опремата е сервисирана. Воедно треба да се разбуди и свеста кај самите работници во земјоделскиот сектор дека самата опрема се амортизира и дека некогаш треба да се замени со нова“, изјави Марина Тошеска, ЛАГ Агро Лидер.
Според ставовите и на земјоделците, експерите и невладиниот сектор кој се занимава со оваа област, староста на механизацијата и немањето на обука на земјоделците се главните причини за случувањето на несреќите. Доколку се успее да се набави нова современа механизација, а во исто време се воведат и обуки на земјоделците за користење на истата експертите очекуваат дека бројот на несреќите во Македонија при употребата на земјоделската механизација би се намалил за околу 40 проценти.