Јани Бојаџи со емотивна порака во пресрет на прикажувањето на „Ругање со Христос“ во Прилеп, кое ќе се случи на 9 март во големата сала на Домот за култура „Марко Цепенков“. Влезнцата ќе чини 150 денари, а карти може да се набават во „КУПИ КАРТИ ЗА СЕ“.
Во прилог целата порака на Бојаџи.
„Тоа што не може во Скопје, Приле…п! У-пс! Како… Прилеп – не можи?! Можи, можи, ама можи оти Ивица Калап се зафати таа пред три месеци за мене “мишн неможна“ да ја направи “пасибал“! Браво Мајсторе, секоја чест!
Ете така беше тоа некаде таму во Ноември минатата година кога после првичните позитивни разговори одеднаш Управата во Центарот за култура “Марко Цепенков“ во Прилеп престана да комуницира со мене и писмено и на телефон! Тогаш се јави Ивица и ме праша онака по прилепски – бате, можи ли јас да видам дали че можи?!
Е ај, оти па да не, му реков на тогаш за мене непознатиот амбициозен младич! Си викам, барем ќе разделиме искуства и сеќавања со еден искрен човек за тоа како филмот “Ругање со Христос“ си го пробиваше патотот до публиката, заедно со публиката, затоа што Ивица е и публика на нашиот филм, нели? Oва е феномен!
Филмот “Ругање со Христос“ на 9 ти Март ќе го гледа прилепската публика само и единствено затоа што тие – публиката направија Управата на Националната установа Центар за култура “Марко Цепенков“ во Прилеп да се согласи, комерцијално, за пари, да го отстапи за жал единствениот простор за кино проекција во Прилеп и окололината.
Ова се случува само во Македонија. Горан Трајкоски албумот со музиката од филмот го нарече “Скомраси Апсурдистански“! Боже, да се срамиш и да плачеш! Ама не е сега време за плачење, време е да опстанеме а ќе опстанеме само ако решиме да опстанеме! Драги мои прилепчани, вие решивте да опстанете! Вие решивте да бидете слободни луѓе, кои не се плашат слободно да излезат од своите домови, во својот слободен град, во својата слободна земја и за свои пари слободно да отидете и слободно да гледате македонски игран филм, во слободна Македонија, во Март 2019 година! Кој можеше да претпостави дека ова ќе се смета, замислете за успех?!
Достоевски тврдел дека животот е пофантастичен од секоја фантазија! Бев скептичен кој тој руски пишувач на “турски серии“! Се извинувам за секоја еретична мисла кон тебе драг Фјодор Михајлович! Но за тебе не се грижам, затоа што знам што им вели мојот Марко Цепенков на таквите како мене додека некаде одозгора вознемирено не гледа, бесно ги откинува и јадосано ги голта камчињата од ќилибарната бројаница – едно по едно! – “Синко, немој да му бериш грео на турскијо цар. Си има он Велик Везир за таа работа“ – кажува бесно!
Е да, така е дедо Марко, ама тебе ти било лесно кога си го имал Димитри Миладинов да ти ги “отвори очите“ дека ако не ги запишеме нашите приказни исто е како да не сме постоеле на овој свет! Извини, на час заборавив која ми беше работата. Нели светотот за мене и мојата професија вели дека сум “storyteller“ – раскажувач на приказни!И дека ова долга, широка и богата со приказни земја ни ги дава приказните за да ги запишеме?! Е-па, ова приказна сега е запишана! Ми ја раскажаа твоите прилепчани, а јас ја запишав! Значи постоиме!“