Серијалот за бебињата на Гинекологија објавен во шест стории во низа во „Фокус“ на новинарката Ирена Мулачка ја доби првата награда за најдобра новинарска сторија на пвиот конкурс на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) за новинарски трудови од областа на општествено-социјалниот живот.
Втората награда ја доби новинарот Никола Здравковиќ за прилогот за самохрана мајка со наслов „Семејна трагедија ја остави без парче леб Гордана Славковиќ“ објавен во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, а третата награда ја делат новинарите Мирјана Мирчевска-Јовановиќ за серијалот прилози за малиот Иван и неговата баба, емитуван на ТВ Канал 5 и Марјан Николовски за прилогот со наслов „Можат ли верските заедници да ги тргнат сите бариери за непречена молитва“ објавен во емисијата „На иста страна“ на ТВ Сител.
СЕЕМ додели и две пофалници – на Зоран Јовановски за ТВ-прилогот „Да прогледаат тие што треба да видат“ од проектот „360 степени“ на ТВ Алсат и Маја Раванска за текстот „Македонскиот Стивен Хокинг задушен во стегите на неинклузивно општество“ објавен во списанието „Лице в лице“.
Одлуките ги донесе тричлено жири во состав Жанета Трајковска, Зоран Иванов и Бардуљ Заими. Според жирито, годинава биле пријавени повеќе новинарски приказни со забележително квалитетна обработка, кои адресираат важни теми од јавен интерес, како и трудови кои ја разбранувале јавноста и поттикнале решенија на одредени општествени проблеми.
За првонаградената Мулачка одлуката била едногласна со оценка дека се работи за сеопфатен и темелен истражувачки зафат кој нуди обемни екслузивни и чувствителни информации за состојбата со новороденчињата во земјата, во кој се вклучени и потресни сведоштва на пациентки.
СЕММ првпат годинава ги доделува наградите, а отворениот јавен повик важеше за сите редакции кои објавиле прилози од оваа област меѓу 1 мај 2016 и 31 мај 2017 година.
Наградите оваа година се доделуваат со финансиска поддршка од Европската унија и УНЕСКО во рамки на проектот „Градење доверба во медиумите во ЈИЕ и Турција“. Биле пријавени 49 автори со 155 стории во различни новинарски форми и жанрови.