Еден од најдобрите асистенти во историјата на Премиер лигата и Бундеслигата, Месут Озил им открил на соиграчите дека ќе си замине од клубот за време на зимскиот преоден рок, пренесуваат англиските медиуми.
Германскиот интернационалец Месут Озил во јануари дефинитивно ќе си замине од Арсенал, а веќе открил дека негов следен клуб ќе биде Манчестер јунајтед. Ова секако ќе биде нов удар за „топчиите“, откако во минатото и Робин ван Перси го напушти клубот и направи трансфер на „Олд трафорд“.
Договорот на Озил со Арсенал истекува следното лето. Бидејќи не се договори за нов, клубот одлучил да го продаде за да заработи нешто и Озил уште во јануари би можеле да го видиме во дресот на Јунајтед.
Доколку се оствари овој трансфер, Арсенал би останал без двајца клучни фудбалери, бидејќи и Алексис Санчез најавува дека сака да си замине од Лондон, во потрага по трофеи и повисока плата. Тој и Алексис Санчез се наоѓаат во плановите на двата тима од Манчестер, Сити и Јунајтед, кои по осум кола ја предводат Премиер лигата.
Германецот во Арсенал пристигна во 2013. година од Реал Мадрид и во 167 натпревари постигна 32 гола.