Денес се очекува да бидат објавени документи поврзани со убиството на американскиот претседател Џон Фицџералд Кенеди, кои досега се чуваа како доверливи.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе декласифицира 3 000 документи од ЦИА, кои се однесуваат на кои се однесуваат на убиството на еден од најомилените американски претседатели, чие убиство со децении се поврзува со низа теории на заговор.
„Под услов да добијам дополнителна информација, јас како претседател ќе дозволам да бидат објавени документи за Кенеди, кои долго време беа блокирани и класифицирани“, објави Трамп, без да прецизира за каква „дополнителна информација“ мисли.
Електронскиот весник „Политико“, повикувајќи се на извори во американската Администрација, објави дека Трамп најверојатно ќе дозволи објавување на околу 3.100 документи, кои досега не и биле познати на јавноста, како и приближно уште 30.000 други документи, од кои во минатото биле објавувени само делови.
„Претседателот смета дека овие документи би требало да бидат достапни во интерес на целосна транспарентност, освен ако спротивно не одлучат агенциите кои се занимаваат со националната безбедност“, соопшти Белата куќа.
Овие документи се наоѓаат во Националниот архив на САД.
Џон Ф. Кенеди, 35-тиот претседател на САД, беше убиен на 22 ноември 1963 година, патувајќи во отворена лимузина. Комисијата која го истражуваше убиството на 46 – годишниот харизматичен претседател заклучи дека го убил поранешен стрелец од првата класа на американската Морнарница, Ли Харви Освалд и дека во тоа бил сам.
На 24 ноември Освалд бил убиен во подрумот на полициската станица во Далас, од страна на Џек Руби, сопственик на локален ноќен клуб. Настанот бил прикажан во живо на телевизија. Руби бил осуден на смрт за убиството на Освалд. Поднел жалба, но, сепак, починал од канцер во 1967 година, пред повторното судење.