Затворска казна од 12 години за поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков. Ова е казната која денеска му ја изрече Кривичниот суд, прогласувајќи го за виновен за незаконското масовно прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање. Тој, според пресудата, е главниот организатор на прислушувањето, за што имал можност и моќ.
Мијалков се гонеше за 3 кривични дела, односно за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ за што е осуден на казна затвор од 5 години, за „Злосторничко здружување“ на казна затвор од 5, и за „Примање награда за противзаконито дејствување“ на казна затвор од 3 години. Тој ги доби максималните казни предвидени за секое дело, или единечна казна за сите три дела од 12 години.
Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Над 130 физички и правни лица имаат поднесено и барање за оштета во предметот „Таргет-Тврдина“. Меѓу нив се ексфункционери, политичари, новинари, бизнисмени.
Судот, по советување и гласање го прифати предлогот на Обвинителството, за укинување на мерката куќен притвор и му одреди ефективен притвор, до правосилност на пресудата на Сашо Мијалков. Судијката Џенета Бегтовиќ ја задолжи полицијата Мијалков да биде спроведен од неговата домашна адреса во КПУ Затвор Скопје. Притворот може да трае најмногу 60 дена, според постојната законска регулатива.
Одбраната на Мијалков смета дека предлогот на обвинетиот на Сашо Мијалков да му се определи за ефективна мерка притвор е неоснована, а како една од причините, меѓудругото наведе тоа што во моментов нав му е определен со решение КОВ бр. 61/2 домашен притвор пред кој, како што рече, стриктно се наведени основите и условите, односно обврските коишто обвинетиот треба да ги исполни.
„Дали до овој момент од донесување на ова решение со каква било постапка е нарушен кој било од овие обврски, односно основот за донесување на ова решение? Одбраната, а и вие сметам дека и јавниот обвинител сметам дека е свесен дека тоа не е сторено, не е повреден ниту еден основ“, рече Шврговски.
Во однос на тоа дека МВР не може да ги обезбеди обврските што се експлицитно дадени во Законот за кривична постапка и тоа се наведува како аргумент, односно основ поради кој на Сашо Мијалков треба да му се определи ефективна мерка притвор, Шврговски смета дека тоа што државата не може да го обезбеди она што Законот го бара не може да му се препише како пропуст на Сашо Мијалков.
„Државата се она што е наведено стриктно, експлицитно во Законот мора и треба да го обезбеди. Дали 24-часовниот надзор преку физичко обезбедување, а не преку електронска алка или видео надзор остава каков било сомнеж дека Сашо Мијалков може да стане недостапен на органите на прогонот и правдата? Секако дека одговорот е дека не може“, рече Шврговски.
Во врска со основот за барање притвор кој се однесува на имотната состојба на Сашо Мијалков и тврдењето дека таа би му овозможила, доколку стане недостапен, да може да се крие му била позната и на јавниот обвинител и на цела јавност бидејќи се работи за јавно достапни информации уште пред започнување на кривичната постапка, а и во целиот нејзин тек. Тоа, рече, во никој случај не може да биде основ за определување на потешка мерка кога тие податоци се јавно достапни, евидентирани и познати.
„Од овие причини одбраната смета дека не е исполнет законскиот основ за определување на потешка мерка од онаа која што е предвидено во решението на Кривичниот совет“, рече адвокатот Шврговски.
Ристовска побара притвор и за обвинетите Горан Грујовски и Никола Бошковски, а како што рече, со оглед дека тие се во бегство, кој би почнала да се извршува од нивно пронаоѓање и врачување на решението, до правосилноста на постапката. Таа побара притвор и за Тони Јакимовски , поради висината на казната за ова дело, но и поради неправосилната осуда казна затвор за друго дело. За останатите обвинителката Ристовска побара да останат мерките кои се во моментот на сила.
Одбраната на Грујовски и Бошковски смета дека предлогот за притвор за овие лица е неоснован и оти не би можел да се спроведе. Од тие причини, посочи нивниот адвокат, тие мерката е непотребна.
„И уште еднаш сакам да го реактивирам ставот на одбраната на Груевски и Бошковски, а тоа е дека за сите дела за кои денеска се осудени беше побарана екстрадиција како што наведовте во вашето експозе и сите судски истанци во земјата каде што беа затекнати вклучувајќи го и Врховниот суд на Република Грција одлучија дека не постојат услови за нивна екстрадиција а од причини што претседателот на Републиката со акт на милост ги ослободил од кривична одговорност и кривично гонење. Од тие причини имајќи го предвид ЗКП, имајќи го предвид Законот за меѓународна правна помош по кривична материја сметам дека против овие две лица не можеше да се изрече казна и не можеше да се поднесе предлог за определување мерка притвор“, рече Шврговски.
Обвинетиот Тони Јакимовски, реагираше дека барањето на обвинителството е нешптребно, бидејќи како што рече, додека сите други се дале во бегство, тој останал да се брани и бил секогаш присутен, како и дека неговиот целокупен имот е ставен како залог за тоа.
Основниот кривичен суд Скопје во случајот „Таргет-Тврдина” за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК денеска изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица.