Чуму безбедност и здравје при работа, ако не се почитува законот?!

Во Северна Македонија од 2007 година постои законска рамка која ја уредува областа на безбедност и здравје при работа, како и голем број правилници донесени од страна на Министерството за труд и социјална политика, кои уредуваат конкретни области од штетностите на работно место. Од друга страна, во системот на колективно преговарање забележително е дека социјалните партнери оваа област не ја уредуваат со автохтони норми, туку се преземаат законските решенија. Вкупните заложби на актерите на национално ниво кои работат и делуваат на полето на безбедност и здравје при работа, се насочени кон подобрување на законската рамка, развивање на системот на превенција наспроти санација на последиците, како и преку организирано образование и обука да се гарантира стандардизирано ниво на експертско знаење и вештини во обезбедување на професионалните услуги и континуирано унапредување на знаењето, вештините и компетенциите во областа на безбедност и здравје при работа. Исто така препознена е потребата од поактивно вклучување на работодавачите кон доследна примена на одредбите од БЗР, но и активно учество на експертската јавност во креирањето на политиките за БЗР.

Политиките кои се креираат во областа на безбедноста и здравјето при работа ги засегаат трите социјални партнери, односно државата, работодавачите и вработените, или поточно синдикатите. Оттука, креирањето на политика на безбедни и здрави работни места, како дел од пошироката трудова политика всушност е сложен процес кој најчесто детерминира компромисни решенија, изразени преку (најчесто) различните ставови на трите субјекти кои се дел од процесот на креирање на политиката. Македонскиот нормативен систем опфаќа неколку битни законски решенија, од кои основен е Законот за безбедност и здравје при работа, одреден број на подзаконски акти како и правилници на ниво на работодавачи, кои всушност се правен одраз на општата политика пред се на државата во полето на безбедност и здравје на работните места.

Во контекст на подигнување на капацитетите потребна е финасиска помош за работодавачите кои имаат финасиски проблеми и не можат на адекватен начин да ги имплементираат новите системи за БЗР. Од друга страна потребно е спроведување на сеопфатна реформа на улогата на медицината на труд и нејзино активно вклучување во концептот на превенција од повреди, несреќи и професионални болести на работното место. Исто така финансирањето на неформалната едукација мора да биде помогната со финансиски субвенции од страна на државата или други донатори.

Свеста како клучен општествен фактор за примена и почитување на системот на БЗР треба да опфати кампањи за превенција, едукација на сите нивоа, но особено широка и сеопфатна акција за едукација на работодавачите и работниците. Бидејќи оваа работилница, како и други и меѓународните извештаи во однос на правниот систем на земјата, укажуваат дека сериозен проблем постои во промената и почитувањето на законските одредби, унапредувањето на свеста и одговорноста се клучни фактори за постигнување на целта, а тоа е ефикасен систем за заштита при работа, како дел од општиот концепт на владеење на правото.

 

Автор : Рубинчо Аризанкоски

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи