КСС и работниците на мирен протест со порака до Влада – Доста е, претеравте!


КСС денес преку протест со автомобили ќе искаже нездоволство од неприфатените барања кои ги упатија до надлежните и бараат да се стави крај на притсокот врз синдикалните организации.

Мирниот протест за работничките права е најавен за денеска во 16 часот од булеварот „Гоце Делчев“, спроти МРТ, а ќе продолжи кон Собрание за да заврши пред Влада. Протестот ќе се одржи со автомобили за да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.

Од КСС се револтирани од начиниот на кој се нема слух за нивните барања како покачување на минималната плата, неработната недела како и 100% боледување за оние кои се болни од ковид.

Од КСС велат дека веќе подолг период се обидуваат да воспостават дијалог со претставници на министерствата и државните органи за решавање на проблемите со кои се соочуваат работниците, како и да укажат на почитување на законите и колективните договори кои како што велат, постојано се кршат. Според нив, истиот тек на прекршување на работничките и човековите права продолжил и за време на пандемијата.

„Како наши легитимни синдикални барања кои ги поставивме се следните: почитување на законите од областа на трудовото право, барање за неодложно постапување на институциите при прекршување на законите, да се запре притисокот врз синидикалното организирање и синдикалните лидери. Сите овие барања се во насока на подобрување на социо-економскиот статус на нашите членови и на сите работници. Ве повикуваме сите активно да се вклучите во овој протест, а со цел да се чуе гласот на работниците! Доста е, претеравте!“, стои во најавата за протестот.

Од друга страна надлежните институции пак се правдаат дека за прашањата за работниците се консултираат сите синдикати.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи