Според податоците на Државниот завод за статистика, во академската 2020/2021 година се запишани 50.881 студенти, што претставува намалување за 1,7 процент во однос на академската 2019/2020 година. Најголем број студенти – 83.8 % се запишани на државните високообразовни установи, додека 15,5 %, или 7.886 се запишани на приватните високообразовни установи.
Зависно од изборот на факултетот и од изборот на приватниот универзитет, за студирање, за една година потребни се од 500 до 3.000 евра. Некои приватни образовни институции, за да привлечат студенти за првата година даваат попусти, има и разни фондови што вршат стипендирања, а постои и можност и да се учи и да се работи во комапнии поврзани со универзитети, како и да се подигне студентски кредит.
Порталот „Пари“ во соработка со БизнисМрежа.Мк открива какви се заработките на најгомемите приватни високообразовни институции.
Најголем по вкупен приход лани бил Меѓународниот балкански универзитет. Тој е основан во 2006 година од Фондацијата за образование и култура „ÜSKÜP“. Универзитетот лани имал приходи од околу 3.000.000 евра и тие биле 55% поголеми отколку приходите во 2019 година. Сепак, оваа високообразовна иснтитуција не може да се пофали со високи добивки, односно во 2019 година имала загуба од дури 250.000 евра, а лани била во добивка од 116.000 евра.
Втор по остварен приход е Универзитетот Американ колеџ, основан во 2005 година. Сопственик на универзитетот е компанијата „Акс менаџмент“. Универзитетот се декларира како високообразовна институција која ги комбинира најдобрите образовни методи и практики од американскиот и европскиот образовен систем. Американ колеџ лани остварил вкупен приход од 1,7 милиони евра, а неговата добивка изнесувала околу 280.000 евра и била за 6,2 проценти помала отколку во 2019 година.
ФОН, кој се смета за еден од првите приватни универзитети, минатата година се преименува во Американски универзитет на Европа – ФОН (АЕУ-ФОН). Минатата година, Универзитетот имаше огромен пад на добивката од дури 72,6 проценти. Вкупните приходи на Универзитетот, сопственост на бизнисменот Фиат Цаноски, беа речиси1,7 милиони евра и беа за 27 проценти пониски отколку во 2019 година. Ланската добивка на АЕУ-ФОН беше 180.000 евра, додека во 2019 година изнесувала дури 650.000 евра.
На официјалната страница на Министерствтото за образование има 12 акредитирани приватни универзитети: Европски универзитет – Скопје, АЕУ-ФОН – Скопје, Универзитет Њујорк – Скопје, Американ колеџ – Скопје, МИТ – Скопје, Меѓународен славјански универзитет – Свети Николе, ЕСРА – Скопје, Универзитет за туризам и менаџмент- Скопје, Меѓународен универзитет – Струга, Меѓународен балканки универзитет – Скопје и Меѓународен универзитет Визион – Гостивар.
Еве какви се приходите и добивките на дел од поголемите приватни универзитети:
За минатата година нема ажурирано податоци за еден од најпознатите приватни универзитети – Европскиот универзитет чиј основач е починатиот Бојо Андреески. Последни податоци се за 2019 година и според нив, во таа година Универзитетот остварил добивка од 317.000 евра, а вкупните приходи му биле 1,6 милиони евра.
Без Европскиот универзитет, податоците покажуваат дека најмногу приходи има Меѓународниот балкански универзитет, а најголема добивка Американ колеџ.